Утрински Весник
Македонија

Муцунски на Пленарна седница во рамки на Пролетната сесија на Парламентарното собрание на НАТО во Дејтон

1 1 2.jpg

На покана на конгресменот и шеф на делегацијата на САД во Парламентарното собрание на НАТО, Мајкл Тарнер, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, учествуваше на одбележувањето на 30-годишнината од Дејтонскиот мировен договор, што се одржа во рамките на Пролетната сесија на Парламентарното собрание на НАТО во Дејтон, Охајо.

За време на престојот, министерот Муцунски се обрати на сесијата посветена на унапредувањето на стабилноста на Западен Балкан, како и на завршната Пленарна седница, со која беше заокружен овој значаен настан. Во текот на двете сесии беа разменети мислења за напредокот на земјите од регионот и за актуелните безбедносни предизвици. Учесниците заклучија дека, во услови на зголемени ризици, неопходен е засилен ангажман на меѓународната заедница за зачувување на стабилноста и просперитетот.


По повод 30-годишнината од Дејтонскиот договор, посебен акцент беше ставен на неговото значење за воспоставувањето на мирот во Босна и Херцеговина, како и на предизвиците со кои земјата се соочува три децении подоцна. Во своето излагање, министерот Муцунски ја потврди посветеноста на нашата држава за зачувување на траен мир и стабилност во регионот. Тој нагласи дека актуелните безбедносни закани бараат зајакнат пристап, ангажман и тешка, но неопходна соработка меѓу земјите од регионот и меѓународните партнери.

Министерот подвлече и дека брзата реализација на европските и евроатлантските интегративни процеси е суштинска за реформскиот напредок, стабилноста и отпорноста на земјите од регионот, како и за спречување на влијанија кои не се во интерес на демократијата. Осврнувајќи се на значењето на Дејтонскиот договор како документ кој стави крај на еден од најтешките конфликти на Балканот, Муцунски повика 30-годишнината да се искористи како можност за фокус кон иднината – кон стабилност, економски напредок, социјална благосостојба и европска перспектива, еднакво важни за сите граѓани во регионот.

Тој истакна и дека, во услови на зголемени безбедносни закани, регионот мора да се насочи кон засилена координација и реализација на долгорочните цели за негово успешно вклучување во европските и евроатлантските структури.

Говорејќи за претстојниот Самит на НАТО во Хаг, Муцунски подвлече дека одвраќањето не се постигнува со декларации, туку со инвестиции, решителност и кредибилни капацитети. Единството мора да биде функционално, не само декларативно.

Во рамки на активностите на Парламентарното собрание на НАТО, министерот Муцунски, заедно со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, претседателите на Албанија, Косово и Црна Гора, премиерот и министерот за надворешни работи на Хрватска, членови на Претседателството на Босна и Херцеговина и други лидери од регионот, присуствуваше на свечениот прием на локацијата каде што беше потпишан Дејтонскиот договор – во воздухопловната база „Врајт-Патерсон”. На настанот беше нагласена потребата од зајакната регионална соработка, стабилност и безбедност.

Можете да прочитате

Вечерва голем пожар во фабрика во близина на Скопје

Собранието го избра Трајко Славевски за гувернер на НБРМ

Арсовска пристигна пред Град Скопје: Каде побегна Висар?