
Десет нови средни училишта ќе имаат можност да имплементираат програма за унапредување на капацитетите за грижа на менталното здравје на нивните ученици, во рамки на кампањата „Твоја приказна, наша поддршка“ што ја спроведува граѓанската организација Младите можат.
Станува збор за сеопфатна програма која вклучува обука на класните раководители за третирање на менталното здравје на класните часови, спроведување неформални активности на оваа тема во училиштата, како и целогодишна менторска поддршка од искусен младински работник.
Активноста се спроведува втора година по ред, откако во тековната учебна година програмата успешно се реализираше во 11 средни училишта од повеќе градови во Македонија. Таа опфати обука на 165 врснички едукатори и 265 професори и стручни соработници, што придонесе за подобрување на училишната клима за поддршка на благосостојбата на учениците.
„Процесот на соработка со овие единаесет училишта даде навистина позитивни резултати. Заедно учевме, ја градевме свеста и се боревме против стигмата за менталното здравје. Веруваме дека придонесовме за создавање училишна средина која се грижи за благосостојбата на учениците и поттикнува внимание за менталното здравје. Особена сме среќни што преку новиот повик, во учебната 2025/2026 година, ќе можеме овој процес да го реализираме со уште десет нови училишта“, изјави Филип Ивковски, координатор на програмите за ментално здравје во „Младите можат“.
Новиот повик е отворен за сите државни и приватни средни училишта, и од гимназиските и од стручните насоки. Рокот за пријавување истекува на 20 јуни, а предност ќе имаат училиштата кои први ќе аплицираат на оваа форма за аплицирање и ќе ги исполнат условите на повикот.
На крајот од учебната година, училиштата кои успешно ќе го спроведат процесот ќе добијат признание – амблем за училишта што се грижат за менталното здравје на своите ученици. Програмата за подобро ментално здравје во средните училишта е одобрена од Министерството за образование и наука и од Бирото за развој на образование.
Граѓанската организација „Младите можат“ веќе осум години работи на промоција на грижата за менталното здравје и благосостојбата на младите. Кампањата „Твоја приказна, наша поддршка“ започна минатата година и има за цел да ја зголеми свесноста и информираноста за важноста на менталното здравје кај младите на возраст од 14 до 18 години.