Утрински Весник
Македонија

Од утре тим специјалисти ќе ја утврдува состојбата на секој пациент од пожарот во Кочани и потребата од натамошна рехабилитација и помагала

Small.webp.webp

Од утре тим специјалисти од Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хиругија, КАРИЛ, ГОБ „8 Септември”, болницата „Св. Наум Охридски“ и Клиниката за токсикологија ќе врши прегледи и евалуација во Општата болница – Кочани на сите пациенти вратени од странство и третирани во земјава по трагедијата со пожарот. Целта е, како што рече денеска заменик-министерот за здравство Јовица Андовски, да се утврди состојбата на секој пациент одделно и потребата од натамошна рехабилитација, нега и помагала.

Андовски на прес-конференција потенцира дека откако се случи немилиот настан на 16 март, тимот на Клиниката за пластична хиругија е целосно инволвиран во лекувањето и помагањето на пациентите. Тоа го потврди и директорката на Клиниката Јасмина Ѓорѓиевска Павловска.


Во земјава се лекуваат седум пациенти, а во странство се уште 11. Вкупно 18 се со се уште незаздравени изгореници на кои им се потребни хируршки третмани. Тројца од пациентите во земјава се хоспитализирани на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хиругија, двајца во „Систина“ и двајца во Општата болница – Кочани. Уште 40 лица се на физикална терапија, а 30-на се на терапија со плазма збогатена со тромбоцити.

Надлежните тврдат дека ако има потреба во Општата болница – Кочани, каде 10 здравствени работници се веќе специјално обучени за физикална и психолошка рехабилитација на пациентите, префрлени ќе бидат и останатите 35 кои ја поминаа ваквата обука од тимот експерти од Велика Британија. Исто така, има и други центри подготвени да одговорат на потребите на пациентите во кочанската болница. Министерството е во секојдневна комуникација со директорката на болницата и ако таа побара помош, веднаш ќе се реагира.

-Сите пациенти имаат телефонски броеви од нашите тимови, од сите наши лекари и може да ги бараат во секое време кога имаат потреба. На нашата Клиника се моментно хоспитализирани тројца пациенти кои се уште имаат отворени рани. Кај некои можеби ќе биде потребно да се изврши и транспланатација на кожа. Тие пациенти беа во многу тешка состојба, сите беа испратени со прашалници дали ќе останат живи. Благодарни сме на сите земји кои ги прифатија и лекуваа, но поради екстензивноста на повредите, особено на овие пациенти со потешки повреди кои се враќаат меѓу последните и кои имаат многу длабоки изгоренци и рани, ќе треба подолг третман и рехабилитациски период, информира Ѓорѓиевска Павловска.

Директорот на ФЗО Сашо Клековски потсети дека во трагедијата имаше околу 200 повредени од кои 115 беа испретни на лекување во странство.

-Покрај евалуацијата што ќе ја преземе Министерството за здравство, ќе го поканиме тимот од Израел кој беше тука на почетокот на трагедијата, да даде мислење за натамошна грижа на пациентите. Пртоколот предвидува сите повредени кои се во странство, да се вратат во болницата од која се испратени на лекување, нагласи Клековски.

Според протоколот, кога се враќаат од лекувањето надвор, пациентите во земјава ги прегледува тим од пластичен хирург, психијатар, пулмолог и токсиколог по што се пренасочуваат на натамошен третман.

Андовски претходно на брифинг со новинарите информира дека сите 11 пациенти кои се лекуваат во странство се во стабилна состојба. Од нив во Грција се тројца (во Атина двајца и еден во Солун), во Турција се двајца, во Србија се четворица, а во Австрија и Словенија се по еден пациент.

Можете да прочитате

Мицкоски нема да поднесе кривична пријава за Османи за „продавање на македонскиот индентитет“

Проверувајте ги сметките: УЈП почна со исплата на парите од скенираните сметки

Билјана Каракашова Шулев ќе ја менува Димитровска од Антикорупциска додека е под истрага