Утрински Весник
Македонија

Пратеникот Сулејмани си поднесе оставка од функциите во партијата и во Собранието

Salim sulejmani.jpg

Пратеникот Салим Сулејмани денеска ја информираше јавноста дека поднесува оставка од сите партиски функции во рамки на Алијансата за Албанците, како и од функцијата пратеник во Собранието на Република Македонија.

„Со полна морална, професионална и политичка одговорност, ве информирам дека поднесувам оставка од сите партиски функции во рамки на Алијансата за Албанците, како и од позицијата пратеник во Собранието“, наведе Сулејмани.


Тој појасни дека неговото политичко делување било мотивирано од желбата за вистинска промена, а не од лична амбиција, додавајќи дека учеството во коалицијата Вреди било насочено кон, како што рече, разобличување на неуспесите и злоупотребите на власта од страна на ДУИ.

„ДУИ, партија која две децении е дел од власта, наместо да биде достоен претставник на Албанците, се претвори во структура поврзана со лични и клановски интереси. Коалицијата Вреди ја гледав како антипод на таа коруптивна матрица“, изјави Сулејмани.

Сепак, според него, во последниот период дошло до сериозно отстапување од првичните принципи, особено по приближувањето на Алијансата за Албанците до ДУИ во пресрет на локалните избори.

„Ова политичко сојузништво е прекршување на нашите ветувања и недостојно претставување на Албанците. Не можам да бидам дел од алијанса што прави компромиси со луѓе кои се спомнати на меѓународни црни листи поради сериозни афери“, порача Сулејмани.

Тој најави дека неговата политичка кауза не завршува со оваа одлука, туку дека ќе продолжи да се ангажира во други форми, со цел, како што рече, „да им служи на граѓаните уште поефикасно“.

„Ветувам дека многу скоро ќе ги почувствувате резултатите и ќе ги видите трагите од мојот ангажман во иднина. Барам само трпение и разбирање, додека вистината не излезе целосно на површина“, напиша Сулејмани.


Можете да прочитате

Бугарија со протестна нота, осквернавени биле симболи на гробот на Гоце Делчев

СДСМ: Касно му е на Мицкоски да признава дебакл на Владата

Вицепремиерот Фетаи се оддели од Таравари: Нема да дозволиме да се врати ДУИ