
Поранешниот шеф на мисијата на Македонија при ОН во Њујорк, Љубомир Фрчкоски, заедно со уште три лица е осомничен за злоупотреби во службата. Против него и против останатите, е поднесена кривична пријава, според која се сомничат дека сториле кривично дело по членот 353 од Кривичниот законик.
Според пријавата, Фрчкоски како службено лице од 20 април 2022 година до 6 октомври 2024 година, ја злоупотребил службата бидејќи постапил спротивно на инструкцијата од Министерството за надворешни работи од 25 април 2023 година и спротивно на мислењето од Министерството за финансии од 23 јули, 2023 година.
На сметката на постојаната мисија на Македонија во ОН биле уплатени 3.998.721 американски долари, од заедничка продажба на сукцесиски објект на СФРЈ во Њујорк. Од тие пари на сметката на Буџетот на Македонија потоа уплатил 3,94 милиони американски долари. Останатиот износ во висина од 58.721 американски долари, пак, останале на сметката на постојаната мисија на Македонија во ОН.
Иако бил должен, тој паричните средства не ги уплатил на сметка на Буџетот на РСМ и истите незаконски и ненаменски ги потрошил и на начин што постапил спротивно на: Правилникот за финансиско и материјално работење на дипломатско-конзуларните претставништва на Македонија во странство, Упатството за водење на финансиското и материјалното работење на дипломатско-конзуларните претставништва на Македонија во странство, Правилникот за плата, додатоци на плата и надоместоци на определени трошоци на вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и Интерната процедура за начинот и постапката на планирање, спроведување и реализација на јавните набавки до ДКП-та на Македонија во странство, се вели во кривичната пријава.
Понатака пишува дека „на овој начин Љубомир Данаилов-Фрчкоски остварил незаконско и ненаменско користење на буџетските средства по основ на земени аванси за службен пат, по основ на помалку вратен депозит за резиденцијата на амбасадорот, по основ на пречекорувања на дозволениот износ за мобилен телефон како и неоправдани и двојни плаќања на одредени сметки за телефон, по основ на нерасчистено салдо во касата на постојаната Мисија на РМ при ОН во Њујорк, по основ на направени издатоци за репрезентација повеќе од дозначените средства од страна на МНР на сметката на Постојаната мисија во Њујорк, по основ на подигнати парични средства од касата на постојаната Мисија за поправка на службено возило без претходна согласност од МНР, со што причинил материјална штета во износ од 57.855 американски долари“.
Со горенаведените противзаконски дејанија првопријавениот Љубомир Данаилов-Фрчкоски, второпријавената Катина Георгиева, третопријавениот Јон Ивановски и четвртопријавената Ивана Спиковска, вкупно причиниле штета на државниот буџет во вкупен износ од 116.576 американски долари, стои во кривичната пријава.