Утрински Весник
Македонија

Алијансата за Албанците на крстопат, власт или опозиција?

Img 8955.jpeg

Арбен Таравари, лидерот на Алијансата за Албанците и актуелен министер за здравство, се чини дека повторно се наоѓа на политичка раскрсница – раздвоен помеѓу останување во извршната власт и враќање во опозиција. Тој оваа дилема ја потврди и на отворањето на новиот партиски штаб во Скопје, каде што јавно изјави дека „за Алијансата е подобро да биде во опозиција“.

„Не, немаме дефинитивна одлука. Но, како што гледам, довербата меѓу нас во владината коалиција е во мизерна состојба. Верувам дека овие денови ние, Алијансата за Албанците, треба да се сретнеме со премиерот, бидејќи е коректно да се сретнеме и да разговараме уште еднаш. Верувам дека АА треба да биде во опозиција и да се обиде да ја направи трката колку што е можно подобра“, рече Таравари, оставајќи простор за политичко повлекување од владата.


Оваа изјава доаѓа во време кога Таравари вторпат ја извршува функцијата министер за здравство – првпат во 2017 година, кога мандатот му траеше само неколку месеци, а вторпат од јуни 2024 година. Меѓу двата мандата, тој беше градоначалник на Гостивар во два последователни мандати. Повторното влегување во Владата во 2024 година не беше без турбуленции – двајца негови блиски соработници беа разрешени, а ДУИ отворено побара негова оставка поради слабости во здравствениот систем.

Сè посилните тензии со коалициските партнери и отсуството на стабилна соработка создаваат перцепција дека Таравари и Алијансата за Албанците се „тело во движење“ – политички субјект кој повеќе се прилагодува на моменталната ситуација отколку што гради конзистентна стратегија.

Повеќекратните влезови и излегувања на Таравари од Владата во изминатите 10 години ја поставуваат дилемата: дали станува збор за политичка нестабилност, недостаток на доследност, или за внимателно планирана стратегија за задржување влијание на сите фронтови? Делува дека АА сака да биде дел од власта, но без да ги сноси целосно последиците од владините одлуки. Од друга страна, со враќање во опозиција, партијата може да ја реобнови сопствената автономија и да настапи со „чисти раце“ во претстојниот изборен циклус.

Изјавата на Таравари дека довербата во коалицијата е „мизерна“ е политичка порака и предупредување: или ќе добие посилен удел во одлучувањето, или ќе ја врати партијата на теренот каде што чувствува дека има поголема контрола – во опозицијата.

Можете да прочитате

Како турските државјани го заобиколуваат системот – без пријавен престој, но со сместување на хартија

Честитка од поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан до новоизбраниот Папа Лав Четиринаесетти

Андоновски: Во текот на летото ќе се знае кој ќе биде кандидат за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ