Утрински Весник
Економија

Кочовска: Со парите на даночните обврзници нема да се спасуваат неликвидни банки

Gordana dimitrieska kocoska3.jpg

Министерството за финансии презеде повеќе законски иницијативи за унапредување и зајакнување на регулаторната рамка со цел зголемување на довербата на граѓаните во финансискиот систем и градење силни банки, кои се силен партнер во спроведување на политиките на Владата за поддршка на домашната економија. Ова го наведува министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во новото издание на Е-билтен на Македонската банкарска асоцијација.

-Законот за решавање банки е најзначаен чекор во овој сегмент, со кој се создава нова регулаторна рамка која ќе овозможи навремена интервенција во кредитни институции со проблеми и предуслови за одржување на финансиската стабилност и довербата на јавноста во банкарскиот сектор, со истовремено избегнување на значително негативно влијание врз финансискиот систем преку обезбедување континуитет на клучните функции на банката. Односно, заштита на депонентите и клиентите, пишува Димитриеска-Кочоска.


Таа додава дека Законот, чија примена се очекува во последниот квартал од годината, пропишува правила, постапки и инструменти за решавање банка, овластувања на Народната банка како орган за решавање банки, како и активности по започнувањето на постапката за решавање банка и дека на овој начин ќе се обезбеди спречување на несолвентност и намалување на негативните последици врз финансискиот систем.

Според министерката со инструментите за ефективно решавање банки што ќе се воведат, ќе се гарантира избегнување на користење средства од даночните обврзници за спасување на овие институции. Тоа, наведува, значи дека употребата на државни инструменти е ограничена и ќе може да се активираат само во исклучителни околности, по исцрпување на сите други опции. Од друга страна, појаснува, со воспоставување на Фондот за решавање банки, Народната банка ќе биде надлежна за управување со постапките и средствата во случаи на финансиски проблеми.

Законот значи воспоставување пазарна дисциплина и доверба во банкарскиот сектор, како и усогласување со европските стандарди, што е значаен чекор напред во унапредување на регулаторната и супервизорската рамка во нашата земја.

Во текстот најавува дека дополнително зајакнување на финансиската стабилност и зајакнување на целокупниот финансиски систем заради зголемување на сигурноста на банкарскиот сектор се очекува и со законската инцијатива за нов закон за банките. Целта на новото законско решение е да се постигне зајакнување на капацитетот на банките за адекватно управување со ризиците поврзани со нивните активности, како и за апсорбирање на потенцијалните загуби што можат да настанат во деловното работење, чија имплементација дополнително ќе го подигне нивото на квалитетен капитал на банките и ќе ја зајакне супервизијата.

Димитриеска-Кочоска подвлекува дека во сите овие активности важна и за истакнување е улогата на Народната банка, како и зајакнувањето на нејзината независност, што се овозможува со последните измени и дополнувања на Законот за Народната банка.

Можете да прочитате

За првпат објавен Извештајот за спроведување на макропрудентната политика на Народната банка

СДСМ: Цените постојано растат, власта нема решение

Кјобе: Независноста и кредибилитетот на Народната банка се предуслов за стабилноста