Утрински Весник
Свет

Протекоа детали за голем пресврт во изборот на новиот папа: Овој кардинал предводен од 49 гласа, отишол на ручек, а потоа…

Papa leo xiv.jpg

Во неочекуван пресврт на настаните за време на конклавата, Американецот Роберт Превост е избран за нов папа, земајќи го папското име Лав XIV, и станува првиот папа од Северна Америка во историјата на Римокатоличката црква. Според наводите на италијанскиот весник Corriere della Sera, кој се повикува на извор од внатрешноста на конклавата, Превост го обезбедил потребното двотретинско мнозинство на четвртото гласање во четвртокот попладне, со што ја заврши процедурата која траеше помалку од 24 часа.

Иако сите кардинали и персоналот кои учествуваат во конклавата се обврзани на апсолутна тајност, информациите одвнатре и овојпат протекоа во јавноста, само неколку часа по изборот. Според Corriere, наутро по третиот круг гласање водел италијанскиот кардинал Пјетро Паролин со 49 гласа, додека Превост имал 38. Но попладне, балансот се сменил – кардиналите се обединиле околу Превост, кој ја добил поддршката од 89 кардинали – доволна бројка за да биде прогласен за папа.


Новинарот Алберто Мелони, кој ја следи Ватиканската политика за Corriere dello Sport, предупреди дека ваквите информации треба да се земат со резерва, иако досегашното искуство покажува дека ваквите извештаи на крај се покажуваат точни.

„На кардиналите им се потребни околу сто секунди за да сфатат кој кандидат добива критична маса поддршка“, пишува Мелони, додавајќи дека методот на конклава и овој пат се покажа како брз и ефикасен.

Иако Паролин важеше за најголем фаворит пред гласањето, исходот ги изненади многумина. Дел од гласовите кои го поддржуваа него се пренасочиле кон Превост, а останува нејасно дали тоа биле стратешки гласови на умерени или пак на оние што посакувале продолжување, па дури и зајакнување на реформите започнати од папата Франциск. Во сенка на изборот остана и кардиналот Матео Зупи, надбискупот на Болоња, кој според италијанските медиуми бил еден од фаворитите. Зупи со доза на хумор изјавил дека никогаш не се надевал на избор:

„Многумина се надеваа дека ќе бидам избран. Јас никогаш не се надевав. Играчите на Болоња ќе ја освојат титулата и Купот на Италија порано отколку што јас ќе станам папа,“ изјавил насмеано Зупи.

Неговиот народен имиџ, блискоста со граѓаните и симпатијата што ја ужива во Болоња, каде што често може да се види како вози велосипед низ градот, го направија омилен лик меѓу верниците. Изборот на Роберт Превост за папа – Лав XIV – се смета за значаен момент за Католичката црква. Родум од Чикаго, Превост ќе се соочи со предизвикот да го продолжи или реформира понтификатот на својот претходник Франциск, со внимание свртено кон глобалните теми и променливите политички и социјални текови во светот. Иако точните бројки од гласањето ќе останат под тајност уште некое време, јасно е дека конклавата постигна редок консензус за толку кус период – само четири круга на гласање.

Можете да прочитате

Трамп имал продуктивен разговор со Зеленски, потврди Белата куќа

Братот на новиот папа: Му реков да не го избира Лав

Минатиот месец бил вториот најтопол април во историјата