Утрински Весник
Македонија

Мајка од Скопје остана без дете – судовите пресудија без докази, Врховен на потег

Nevena 1068x601 1.jpg

Каков е тој судски систем кој си зема за право да одземе дете од неговата мајка без ниту еден релевантен аргумент?

Ова прашање со болка и револт го поставува Невена Спасеска, мајка од Скопје, откако по разводот со нејзиниот сопруг од Охрид, Основниот суд во Охрид, а потоа и Апелациониот суд во Битола, пресудија четиригодишното дете да му припадне на таткото – без валидна правна и човечка основа, вели таа.


„Целиот процес беше како инквизиција. Поминав низ институционално насилство. Пресудите се базираа на апсурди – од тоа дека детето треба да биде со таткото бидејќи има повеќе пари, до тоа дека малите градови се подобри за деца. А јас? Јас не постојам во тие пресуди“, изјави Спасеска за А1он.

Судиите Ефтим Попевски од Охрид и Жаклина Доведен од Битола се потпишани на овие спорни одлуки. Доведен, по донесената пресуда, е унапредена како претседателка на Апелациониот суд во Битола. Но, мајката не се откажува – нејзината последна надеж е Врховниот суд, каде веќе е поднесена ревизија.

Адвокатскиот тим кој ја застапува мајката наведува дека „во текот на постапката се сторени сериозни повреди на постапката и погрешно е применето материјалното право“. Тие се надеваат дека Врховниот суд конечно ќе ја исправи оваа, како што ја нарекуваат, груба неправда.

Во законот стои дека дете може да биде одземено од мајка само доколку таа е психички неспособна, зависник или има други сериозни пречки. Но, во овој случај, Невена е далеку од тоа – таа е функционална, успешна и грижлива мајка. Судовите тоа дури и го констатираат, но сепак му го доделуваат старателството на таткото.

Дополнително, според информациите на А1он:

  • Судот се повикува на мислење на Центарот за социјални работи во Охрид, кој не бил надлежен за предметот. Надлежен бил Центарот од Скопје, кој пак дал позитивно мислење за мајката.
  • Поради ова, директорот на Центарот во Охрид бил разрешен, а против него е поднесена и кривична пријава.
  • Вештачењето во случајот било изготвено од лице без соодветна лиценца.
  • Со мајката не бил направен ниту еден разговор, ниту пак ѝ била побарана изјава од Центарот во Охрид.
  • Како сведоци биле повикани соседи на таткото, кои давале крајно нерелевантни изјави.
  • Судијата во второстепениот совет бил заменет со кривичен судија, без искуство со семејни предмети.

Најпотресно е тоа што и покрај наведена осуда за семејно насилство против таткото и лажна пријава против мајката (за што тој платил парична казна), судовите не ги земаат предвид овие факти.

„Дали ова е порака до сите жени да останат во брак по секоја цена, само за да не ги изгубат своите деца? Јас не се откажувам. Се надевам дека Врховниот суд ќе ја врати правдата таму каде што ѝ е местото“, додава Спасеска.

Случајот ја отвора болната тема за недовербата во правосудниот систем, и уште еднаш поставува прашање – кој ги штити мајките и децата кога институциите не функционираат?

Можете да прочитате

Мицкоски: Македонскиот јазик е нашиот бедем и неспорен идентитет – Владата вложува во неговата иднина

Агелер: Дали знаете дека некои американски дипломати учат македонски јазик пред да дојдат во Скопје?

Филипче: Македонскиот јазик е нашиот идентитет и никој не може да ни го одземе