
Македонската берза и Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) согласно неодамна потпишаниот Меморандум за соработка, а заради промовирање на можностите за финансирање на компаниите преку пазарот на капитал и за зајакнување на врската помеѓу домашниот корпоративен сектор, финансиските посредници и инвеститорите организираа настан под мотото „Финансирајте се пазарно!“.
Во воведното излагање, Главниот извршен директор на Македонска берза, Иван Штериев, истакна: „Недостатокот на иницијални јавни понуди е прашање на сите прашања од аспект на понатамошниот развој на помалите пазари на капитал. Нашите активности на овој план, вклучително и овој настан, се насочени кон поттикнување на домашните компании посеопфатно да размислат за ова и да се одлучат на ваков чекор. Берзата, преку потпишаниот Меморандум со ЕБРД, обезбеди сериозен партнер во овие стратешки заложби. Двете институции во наредниот период заеднички и посветено ќе работат на конкретна поддршка на домашните компании што би одлучиле да се финансираат пазарно“.

Директорот за развој на пазарите на капитал во ЕБРД, Атила Тот, преку презентација на тема „Финансирање преку пазарот на капитал“, ги објасни клучните придобивки и потребните предуслови и чекори што компаниите треба да ги направат за успешно пазарно финансирање преку издавање акции или обврзници. Г-дин Тот нагласи дека пазарот на капитал нуди одржливи можности за раст, намалување на ризиците во работењето, поголема транспарентност и зголемување на довербата во компаниите, а успешно извршеното ИПО претставува почеток на дисциплиниран и одговорен развој на компанијата и потврда на нејзината долгорочна деловна стратегија.
На панел дискусијата на тема „Во какви компании сакаме да инвестираме?”, модерирана од г-дин Штериев учествуваа Васко Митев, Извршен директор на Илирика Инвестментс АД Скопје, Горан Марковски, Главен извршен директор на КБ Инвест АД Скопје, Маријан Николовски, Член на управен одбор во Триглав пензиско друштво АД Скопје и Владо Бојаџиевски, од локалната канцеларија на ЕБРД во Скопје. На панелот се отвори суштинска дебата за потенцијалот на македонскиот пазар да поддржи и апсорбира емисии на акции и обврзници, критериумите за инвестирање во истите, како и моменталната зрелост на домашните компании за оваа комплексна постапка. Од дискусијата произлегоа битни согледувања околу тајмингот на издавање на хартии од вредност, значењето и сеопфатноста на добрите интерни компаниски подготовки и соодветна надворешна експертиза, како и за важноста на транспарентноста и доброто корпоративно управување во функција на градење доверба кај инвеститорите.
Настанот кој се одржа на 29.04. 2025 година заврши со презентација од страна на претставниците на ЕБРД кои ја прикажаа нивната понуда за македонските компании, со акцент на програмите за анализа на процесите, реструктуирање и поддршка во функција на поефикасно функционирање и полесен пристап до финансирање.