Утрински Весник
Македонија

ДУИ бара предвремени парламентарни избори: На земјата ѝ е потребна долгорочна политичка стабилност

Dui.webp.webp

ДУИ побара одржување на предвремени парламентарни избори заедно со локалните во октомври, предупредувајќи дека земјата оди во „погрешна насока“ и дека е неопходна итна политичка стабилизација за спас на европската перспектива.

„На земјата ѝ е потребна долгорочна политичка стабилност што може да се обезбеди само преку одржување на предвремени парламентарни избори заедно со локалните. Тоа ќе овозможи повеќегодишен период без изборни соочувања, давајќи им шанса на политичките елити да започнат длабоки процеси за спас на европската агенда на земјата и искористување на последната можност за враќање на европскиот пат заедно со Албанија и Црна Гора“, соопштија од ДУИ.


Од интегративците велат дека само нов политички мандат може да обезбеди вистинска посветеност кон реформите и враќање на земјата на патот кон ЕУ.

Од Коалицијата ВРЕДИ ја обвинија ДУИ дека стравува од правдата и од „прочистување“ на институциите, нагласувајќи дека токму тие се одговорот на „распаднатата“ политика на интегративците.

„ВРЕДИ е во власта за да ја спроведе промената што Албанците гласно ја бараа и нема да застане сè додека секој Албанец не се чувствува слободен, еднаков и достоинствен во својата земја. Во октомври, на локалните избори, Вреди ќе ги освои сите албански општини! Ќе бидеме присутни во секоја општина и институција, со чисти раце и чист образ“, порачаа од ВРЕДИ.

Подготвеност за предвремени парламентарни избори веќе изразија и другите партии од Европскиот фронт, како и македонската опозиција. Од друга страна, Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ денеска оцени дека Владата е стабилна и дека успешно ги исполнува очекувањата на граѓаните.

Можете да прочитате

СДСМ ги крои кандидатурите: Бузлевски за Ресен, Шајн за Охрид, Ацевски за Ѓорче Петров

ВЛЕН: ДУИ како да посакува ВМРО-ДПМНЕ да победи со над 60 пратеници 

„Марш за ангелите“ утре во Скопје организираат родителите на настраданите во клубот „Пулс“ во Кочани