Утрински Весник
Свет

Ватикан со строги правила за погребот, ова е дрес-кодот, накитот, начинот на седење

Krst.webp.webp

Погребот на папата Франциск, кој ќе се одржи на плоштадот Свети Петар во Ватикан, ќе биде не само верски туку и глобален дипломатски настан од највисок ранг. Со учество на повеќе од 130 странски делегации, вклучувајќи десетина кралски дворови, Ватикан воведе строги протоколарни правила, кои опфаќаат сè – од седењето, преку облекувањето, до начинот на однесување на сите присутни.

Според официјалниот ватикански протокол, машките учесници мора да носат темни одела, долги црни вратоврски и дискретно црно копче на реверот. Жените, пак, се должни да бидат облечени во долги црни фустани со ракави, со вел преку главата и црни ракавици. Единствениот накит што се дозволува е ѓердан од бисери.


Посебни насоки важат за жените од католичките кралски семејства. Тие ќе носат скромни, неукрасени фустани, ниски затворени обувки и „мантилја“ – традиционален црн вел. Привилегијата да носат бела облека, позната како „il privilegio del bianco“, нема да се применува поради природата на настанот.

Но, строгостите не се однесуваат само на високите гости. И обичните граѓани и туристи кои сакаат да му оддадат последна почит на папата во базиликата Свети Петар мора да се придржуваат до дрес-код: покриени колена и рамена, без маици без ракави, кратки панталони или длабоки деколтеа. Забранети се и тетоважи или симболи што може да се сметаат за навредливи.

Покрај облекувањето, и протоколот на седење е строго утврден. Првите места ќе бидат резервирани за претседателите на Италија и Аргентина – татковината на покојниот папа. По нив следуваат католичките монарси, големиот мајстор на Малтешкиот ред и владетелите од други вероисповеди. Останатите шефови на држави ќе бидат распоредени по францускиот азбучен ред.

Ватикан со овие строги правила сака да покаже дека погребот на папата Франциск не е само крај на едно понтификатство, туку и чин исполнет со тишина, симболика и длабоко почитување кон духовниот водач на Католичката црква.

Можете да прочитате

Нови инциденти помеѓу Индија и Пакистан

Фон дер Лајен и Трамп се договорија за средба

Чернобил повторно зрачи? – 24info.mk