
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОК) соопшти дека го прифаќа предлогот на сопственикот на „Пуцко Петрол“, Асмир Јахоски, за укинување на мерката притвор, под услов да обезбеди соодветна парична гаранција.
Јахоски е во притвор како осомничен за кривичното дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, во случај поврзан со значителна имотна корист стекната преку заедничка шема со Ратко Капушевски, преку профитот на фирмата РКМ од продажба на мазут за време на енергетската криза.
„Во мислењето, јавниот обвинител истакна дека предлогот на осомничениот за укинување на мерката притвор и нејзина замена со мерка гаранција во недвижен имот со проценета вредност од 60.672.235 денари може да биде основан само доколку осомничениот дополнително депонира и паричен износ од 72.000.000 денари на посебна сметка на судот“, информираат од обвинителството.
Овој износ, според ОЈО, го одразува вкупниот обем на противправно стекнатата корист од страна на Јахоски, што во понатамошната постапка може да биде предмет на евентуално оштетно побарување.
Обвинителството побарало и дополнителни мерки на претпазливост, како што се:
- забрана за напуштање на живеалиштето,
- обврска за повремено пријавување кај надлежен орган,
- и привремено одземање на патната исправа.
„Обвинителот ги имаше предвид и списите на предметот, како и фактот дека поголем дел од материјалните и вербалните докази веќе се обезбедени, што значително го намалува ризикот од сокривање, фалсификување или уништување на докази, како и влијание врз сведоци“, додаваат од Обвинителството.
Со ваквото мислење, ОЈО ГОК ја условува можната промена на мерката притвор со строг пакет на финансиски и безбедносни гаранции, оценувајќи дека само така би се исполниле условите за замена на најстрогата мерка за обезбедување присуство во постапката.