
Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, кој се повлече од коалицијата ВЛЕН откако реши самостојно да излезе на локалните избори, призна дека разговорал со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Во интервју за „Лајм“ изјави дека немало средба, но дека се слушнале телефонски.
„Дали сте имале Средба со Али Ахмети или очекувате да имате?“
„Не, не, не. Имаше телефонски разговор и тоа е…“, рече Арбен Таравари, претседател на АА.
Алсат Телевизија уште на почетокот на април објави за телефонски разговор во траење од 40 минути меѓу Таравари и Ахмети, кој, според истите извори, довел до колебање кај Таравари во убедувањата против ДУИ што до вчера фанатично ги застапуваше.
Таравари неколкупати спомна дека неговата партија има канали на комуникација со ДУИ, како и сигнали за соработка за локалните избори, обидувајќи се да ја релативизира ситуацијата, велејќи дека и другите партии од ВЛЕН имаат контакти.
На ова следеа остри реакции од Беса, Демократското Движење, Алтернатива и претставникот на движењето Самоопределување, кои истакнаа дека немаат никаква причина да комуницираат со корумпирана партија, чии функционери се на „црни листи“.
Телефонскиот разговор се реализирал токму во периодот кога Алијанса за Албанците требало да донесе одлука за начинот на учество на локалните избори. Таравари неколкупати повтори дека постојат две опции. Првата, да се натпреваруваат заедно со ВЛЕН и втората да настапат самостојно како АА, при што не ја исклучи можноста за соработка со ДУИ во одредени општини.
„Ако одиме во вториот круг, нормално дека ќе бараме поддршка, каде ќе оди ДУИ, ќе бараме од ВЛЕН, а каде нема да оди ДУИ, ќе бараме поддршка од ДУИ“, додаде Арвен Таравари, претседател на АА.
Лидерите на ВЛЕН повеќе пати го предупредија Таравари да ги прекине преговорите со ДУИ. Билал Касами, во интервју, изјави дека Таравари бил ништо пред да влезе во коалицијата и нула ќе остане ако излезе од неа. Тој порача дека оној што ја напушта групата, го јаде волкот. Таравари овие изјави ги квалификуваше како „lapsus lingua“. Сепак, АА реши да настапи сама на изборите и по предупредувањето дека ако излезе сама на избори и сака соработка со ДУИ, тогаш не може да биде дел од влен.
Останува енигма како ДУИ стана можна опција за соработка на Арбен Таравари иако претходно ја нарекуваше канцер за општеството. Пред два месеца изјави дека секој се срами да каже дека соработува со ДУИ.
„Аги ги оставиме настрана менталитетот на господинот Ахмети и менталитетот што го имате вие како ДУИ, ви велам, ви треба „ресетирање“. Треба да го смените начинот на кој ги перципирате работите. Не оди. Гледате, сите се оградија од вас. Меѓународниот фактор се огради, ВМРО се огради, СДСМ, се срамат да кажат дека соработувале со ДУИ, се гледате ли себеси малку?“, нагласи Арбен Таравари.
Алијанса за Албанците се подели на два дела, токму поради несогласувањата за соработка со ДУИ. Таравари го сметаше за предавство чекорот на Зијадин Села да се здружи со ДУИ, но денес самиот ја има како опција за соработка.