
На прес-конференција на која беше презентиран Годишниот извештај за човековите права за 2024 година, народниот правобранител Насер Зибери го истакна проблемот со децата на улица кои питачат и се надвор од образовниот систем, апелирајќи до државата итно да најде системско решение за нивна заштита и ресоцијализација.
Меѓу најголемите предизвици во минатата година, според Зибери, биле проблемите со издавање на патни исправи – 408 претставки се поднесени од оваа област, најмногу поврзани со граѓански состојби. Илјадници граѓани се пожалиле на неможноста да закажат термин, на долгата изработка и испорака на пасошите, што резултирало со прекршување на нивните права – од слобода на движење до пристап до здравствена заштита и професионални ангажмани.
Голем број претставки се однесувале и на работни односи, урбанизам, како и на прекумерни сметки за електрична енергија. Зибери нагласи дека граѓаните се соочуваат со „правни лавиринти“, особено по измените на Законот за облигациони односи и Законот за извршување, кои судовите и извршителите не ги применуваат доследно.
Во однос на правната празнина што произлезе со укинувањето на балансерот за вработување на припадници на немнозинските заедници, Зибери апелираше за итно донесување законско решение, истакнувајќи дека во мултиетничка држава како Северна Македонија, соодветната застапеност мора да биде законски загарантирана и применувана.
Особено загрижувачки, рече тој, се условите во затворите – пренатрупаност, нехигиенски услови, недостиг на медицински персонал и недоволно затворски чувари, што доведува до чести инциденти и го загрозува и персоналот. Штитениците во ВПД „Тетово“ со години се без образование, а девојчињата и натаму се сместени во несоодветни услови во „Идризово“.
Во областа на животната средина се бележи растечки интерес од граѓаните, со претставки поврзани со загадување на воздухот, водите и почвата. Народниот правобранител иницирал постапка за загадувањето во 15 општини, истакнувајќи дека иако локалните власти тврдат дека преземаат мерки, реалната состојба не го потврдува тоа.
И покрај измените на законите, продолжува и проблемот со т.н. „фантоми“ – лица без матичен број. Зибери предупреди дека без постојана контрола, бројот на вакви лица повторно ќе порасне.
Во делот на судството, омбудсманот изрази разочараност, посочувајќи го Апелациониот суд во Штип како пример за системска нефункционалност, каде поради недостиг на судии не можат да се формираат совети и да се решаваат жалбите, што довело до над 2.000 нерешени предмети.
Во текот на 2024 година, Народниот правобранител постапувал по вкупно 3148 претставки, од кои 2705 биле заведени нови. Најголем дел од нив (37,19%) се однесувале на јавните служби и установи, следени од оние кон централната власт (31,76%).
Извештајот, кој дава детален увид во состојбата со човековите права во земјата, е веќе доставен до Собранието на 27 март, а Зибери повика институциите да ги прифатат неговите препораки и да работат на суштински подобрувања во заштитата на правата на граѓаните.