
Шефот на кабинет на Министерот за јавна администрација и член на Управниот одбор на Регионалната школа за јавна администрација – ReSPA, Маја Рисова Мутлулар, учествуваше на конференцијата по повод стартот на втората фаза од Програмата за јакнење на капацитетите и мобилноста на јавните службеници, што се одржа во Бари, Италија.
Програмата се реализира во партнерство меѓу ReSPA и Италијанската национална школа за администрација (SNA), со поддршка од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка. Нејзина цел е поттикнување на институционална размена, знаење и административна извонредност меѓу јавните администрации на земјите од Западен Балкан и Италија.
Во новата фаза ќе учествуваат над 50 јавни службеници од регионот, меѓу кои и претставници од Министерството за јавна администрација на Република Македонија. Тие ќе бидат вклучени во обуки, студиски посети и програми за мобилност во Италија.
Конференцијата, на која присуствуваа високи претставници од Италија, Западен Балкан и Европската комисија, овозможи дебата за европската интеграција, модернизацијата на јавниот сектор и примената на добри управувачки практики. Преку панел дискусии и тркалезни маси, учесниците истражуваа нови начини за унапредување на административната соработка на регионално и европско ниво.
Маја Рисова Мутлулар нагласи дека оваа иницијатива е клучна за зајакнување на јавната администрација во регионот и дека Министерството за јавна администрација ќе продолжи активно да ги поддржува реформите насочени кон подобрување на јавните услуги и приближување до европските стандарди.