
Балерината Ксенија Карелина која беше затворена во Русија откако донирала 50 долари на хуманитарна организација која ја поддржува Украина денес беше ослободена како дел од договор за размена на затвореници помеѓу Русија и САД, пренесуваат Скај Њуз.
Триесет и четири годишната државјанка со двојно, американско и руско државјанство, беше обвинета за предавство кога беше уапсена во Екатеринбург, на југозападот од Русија, во февруари минатата година. Истрагата покажа дека на нејзиниот мобилен телефон била пронајдена донација од 51,80 долари до организацијата „Razom“, хуманитарна фондација која обезбедува помош за Украина, направена на првиот ден од руската инвазија во 2022 година.
Таа ја признала вината на затворено судење во градот во август минатата година и подоцна беше осудена на 12 години затвор. Нејзиниот адвокат, Михаил Мушајлов, на Инстаграм објави дека Карелина денес била пренесена во САД преку Абу Даби.
„Карелина незаконски беше задржана од Русија повеќе од една година. Претседателот Трамп ја обезбеди нејзината слобода, и ќе продолжи да се залага за ослободување на СИТЕ Американци“, изјави државниот секретар Марко Рубио.
Карелина, аматерска балерина, е родена во Русија, но се преселила во САД во 2012 година и станала државјанка во 2021. Живеела во Лос Анџелес, каде што работела во спа-центар. Во почетокот на 2024 година, додека била во посета на семејството во Русија, била уапсена, според организацијата за човекови права „Првиот оддел“.
Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) тврди дека таа активно собирала средства во интерес на една украинска организација. ФСБ тврди дека донацијата била „искористена за купување тактички медицински материјали, опрема, оружје и муниција за украинската војска“.
Хуманитарната организација негира дека обезбедува воена поддршка за Киев, додека американските власти претходно го оценија случајот како „апсолутно апсурден“. Во замена за ослободувањето на Карелина, бил ослободен Артур Петров – уапсен во 2023 година под обвинение за нелегален извоз на чувствителна микроелектроника.
Двојниот државјанин, со германско и руско државјанство, бил уапсен на Кипар на барање на САД. Минатата година, американското Министерство за правда соопшти дека Петров учествувал во шема за набавка на американска микроелектроника за производители кои снабдуваат руската војска.