
Американскиот претседател Доналд Трамп рече „понекогаш мора да земете лекови“ на прашањето на новинарите за турбуленциите на светските пазари на капитал, додавајќи дека тој намерно не влијаел на распродажбата на пазарите.
„Не сакам ништо да пропадне, но понекогаш треба да пиете лекови за да поправите нешто. Другите земји нè третираа лошо бидејќи имавме глупаво раководство што дозволи тоа да се случи“, рече Трамп, говорејќи пред новинарите во авионот „Ер Форс 1“, за економските последици од неговите огромни царини.
Зборувајќи со новинарите, Трамп не покажа знаци на повлекување од неговите планови за царинската политика или загриженост за огромните загуби на Волстрит, кои веќе избришаа речиси 6 трилиони долари од американските акции во четвртокот и петокот. „Што ќе се случи со пазарите, не можам да ви кажам. Но, нашата земја е многу посилна“, тврди Трамп.
Тој рече и дека нема да склучи договор со Кина доколку не се реши трговскиот дефицит што го имаат САД со таа земја. „Ако не го решиме тој проблем, нема да склучам договор“, рече Трамп. Тој потврди дека разговарал со европските и азиските лидери за царините наметнати од неговата администрација, додавајќи дека тие „умираат за да постигнат договор“.
„Доаѓаат на маса. Сакаат да разговараат, но нема разговор освен ако не ни плаќаат многу пари на годишно ниво“, рече Трамп.
Американските цариници во саботата почнаа да наметнуваат еднострани царини од 10 отсто на Трамп за сите увозни производи од повеќе од 180 земји. Повисоките царински стапки, кои се движат од 11 до 50 отсто за одделни земји, треба да стапат на сила во среда.