Утрински Весник
Македонија

Филипче: СДСМ е силна, консолидирана и подготвена, почнуваме битка со најнеспособната влада

Pretsedatel Venko Sdsm 2.jpg

Сакам најпрво искрено да им се заблагодарам на сите што излегоа и гласаа – ова е ваша победа, ова е потврда дека сме на добар пат. Денес ги славиме вредностите во кои веруваме – демократија, правичност и напредокот, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче по денешните внатрепартиски избори.

-Добив доверба од двојно повеќе членови од првиот пат – тоа не го гледам како лична заслуга, туку како сигнал дека членовите веруваат во насока во која се движи СДСМ.


Посебна благодарност до секој активист, секој член, секоја општинска организација. Високата излезност зборува гласно – СДСМ се буди, СДСМ се консолидира, СДСМ зајакнува!

Ова не беше само технички процес, ова беше политичко мобилизирање, сигнал дека СДСМ е жива и подготвена. Продолжуваме да градиме партија во која секој член се слуша, секој активист е важен, секој став се почитува. Во изминатите десет месеци тоа го покажав и докажав, така продолжуваме и понатаму. Ќе продолжиме со отворен дијалог, со вклучување на нови луѓе, со создавање нова генерација на политичари кои ќе ги промовираат вредностите на социјалдемократијата.Од овие избори пораката е јасна: СДСМ не само што не се предава, туку се зацврстува, се подготвува и ќе биде клучен играч во новата политичка фаза што доаѓа – изјави Филипче.

Тој рече дека првата борба се локалните избори, па најави дека почнуваат со анкети помеѓу членството, но и граѓаните. Прашан дали ќе има коалиција со ДУИ, Филипче рече дека засега немаат разговори.

„Во следниот период почнува сериозната припрема за локалните избори. Ќе ги избереме луѓето кои најдобро ќе нѐ претстават, луѓето кои ќе имаат кредибилитет да излезат во своите средини, пред своите пријатели и познаници, луѓе на кои ќе може да се верува дека ќе ги исполнат програмите. Ќе се бориме во многу општини со политичкиот противник ВМРО-ДПМНЕ. За жал, нивните градоначалници не ги водат општините како што треба, нема проекти за доброто на граѓаните. Тоа го гледаме преку Градот Скопје, видете на што ни личи метрополата. Нема редовен превоз, нема чисти улици, нема проекти“, рече Филипче.

Посочи дека втората тешка борба е борбата со Владата на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН, ЗНАМ.

„Понеспособна Влада државава немала никогаш до сега. Затоа имаме обврска кон граѓаните да покажеме дека сме спремни, дека умееме и знаеме да се бориме за доброто на државата, дека ќе ја вратиме на европскиот пат. Нема ни една област и свера во која добро се случува“, додаде Филипче.

Тој и порача на Владата дека СДСМ е силна, спремна и консолидирана, дека се враќаат на победничите патеки.

Можете да прочитате

Таравари: Мицкоски е подготвен за уставни измени – чека гаранции од Брисел и Вашингтон

Мицкоски: Нашата визија не е Ромите да бидат толерирани или вклучени, туку да бидат рамноправни граѓани

Адеми за Груби: Немам поим каде е!