
Повеќе од 50.000 луѓе денеска излегоа на улиците на Будимпешта за да го изразат своето незадоволство од унгарскиот премиер Виктор Орбан. Демонстрациите беа предводени од лидерот на опозициската партија Тиса, Петер Маџар, кој вети дека ќе стави крај на 15-годишното владеење на Орбан и ќе ја врати Унгарија на патот кон силна Европа.
„Оние кои ја предаваат сопствената нација треба да завршат во корпата на историјата. Нашето време дојде“, изјави Маџар, кој пред една година го започна своето политичко движење.
Во исто време, на митингот по повод националниот празник на Унгарија, Орбан упати остра порака, најавувајќи засилена борба против невладините организации, новинарите, судиите и политичарите кои, според него, се финансирани од САД и Брисел.
„По денешната прослава доаѓа големото велигденско расчистување бидејќи инсектите ја преживеаја зимата. Ќе ја елиминираме целата армија во сенка“, изјави Орбан, алудирајќи на своите планови за сузбивање на медиумите и организациите кои добиваат странска финансиска поддршка.
Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да го прекине финансирањето преку УСАИД му даде дополнителен поттик на Орбан во оваа насока. Минатиот месец, унгарската влада најави нов закон за заштита на националниот суверенитет, кој ќе има за цел разоткривање на странските фондови што ги финансираат медиумите и невладините организации.
Дополнително, оваа недела партијата Фидес поднесе предлог за уставни измени, со кои ќе се овозможи исклучување на двојните државјани доколку се смета дека го загрозуваат унгарскиот суверенитет.
Ситуацијата во Унгарија останува тензична, а денешниот протест е еден од најмасовните против Орбан во последните години.