Утрински Весник
Свет

Трамп потпиша уредба за кратење на буџетот на „Гласот на Америка“ и шест други агенции

Tramp Odluki 1536x1024 1.jpg

Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која се намалуваат буџетите и надлежностите на „Гласот на Америка“ и уште шест федерални агенции.

Според наредбата, овие институции мора да ги сведат своите активности на минимум, дозволени со закон.


„Оваа наредба е продолжение на намалувањето на делови од федералната бирократија кои претседателот ги смета за непотребни“, се наведува во документот објавен доцна синоќа.

Трамп, кој често ја критикуваше работата на „Гласот на Америка“, во својот прв мандат ја назначи неговата сојузничка Кари Лејк за директорка на медиумот.

Покрај „Гласот на Америка“, мерките се насочени кон уште шест агенции, меѓу кои и Институтот за музејска и библиотечна служба, Американскиот меѓуагенциски совет за бездомни лица и Агенцијата за развој на малцинските бизниси.

Наредбата е дел од пошироката стратегија на Трамп за реформирање на федералниот апарат, што ја спроведува одделот предводен од милијардерот Илон Маск.

Досега, тимот на Маск предложи укинување на над 100.000 работни места од вкупно 2,3 милиони во федералната влада, како и кратење на помошта за странски држави и замрзнување на илјадници програми.

Некои републиканци одамна го обвинуваат „Гласот на Америка“ за пристрасност против конзервативците. Месецов Маск повика на затворање на медиумот, како и на Радио Слободна Европа.

Можете да прочитате

Масовен протест во Будимпешта: Над 50.000 граѓани против Орбан

Германија објави нацрт-закон за нов финансиски пакет од 500 милијарди евра

САД го протеруваат амбасадорот на Јужна Африка