
Светот што го избрав“ од Калина Малеска во издание на „Или-или“ е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2024 година, која ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредност „Славко Јаневски“.
Писателката Калина Малеска денеска на прес-конференција се заблагодари за оваа награда, посочувајќи дека во иднина ќе биде повеќе присутна со споделување на своите мисли, на своите тези и размислувања во врска со книжевни, но и вон книжевни теми кои се дел од светот околу нас.
-Чест ми е што многу прашања кои ги сметам за важни како што се образованието, односот кон другоста, односот кон различностите, од општествените стигми, идентитетот, принудните локации, еманципацијата и многу други теми кои ми беа важни и за кои многу размислував како да ги вообличам во еден книжевен текст, а тоа е овој роман, беа препознаени од страна на членовите на жири комисијата и од страна на другите читатели. Честа реченица која ја слушав во изминатите години е дека наградите претставуваат истовремено и обврска. Оваа реченица ја доживувам како вистинита. Под насловот на овој роман „Светот што го избрав“ е „Си поставувам себе си стапици, за да се заштитам од своите слабости“, рече Малеска.
Како што посочи, оваа награда ја гледа како обврска, но и должност повеќе да пишува за работи кои што се актуелни и значајни во секојдневниот живот и во светот околу нас.
Претседателката на жири комисијата и минатогодишната лауреатка Лидија Димковска на денешната прес-конференција посочи дека „Светот што го избрав“ од Калина Малеска е роман што освестува, охрабрува и дава надеж за еден подобар свет што секој сам мора да реши да го избере.
-Ова е роман што апсолутно го заслужува називот „Роман на годината“ за 2024 година, затоа што станува збор за извонреден, безвременски роман што ќе може да се чита и препрочитува, во сите времиња и простори. Кус, концизен, матестрално напишан, „Светот што го избрав“ е храбро сведоштво на женскиот лик кој поминува низ сопствените, но и низ преобразбите на светот, што го избираме дури откако сам ни наметнал избор што не само што не го оправдал туку со него ни нанел штета и тага. Личната приказна за Леона, која како средовечна жена го напушта сопругот, домот, дотогашниот живот и статус, и почнува од нула во подрумска соба среде Скопје, истовремено се преплетува со општествено критичката приказна за образовните реформи во чија комисија хонорано соработува и Леона, вели Димковска.