
Оваа година Македонија може да се соочи со недостиг на јајца за Велигден, бидејќи сè поголем дел од домашното производство завршува на европските пазари.
Со поклопувањето на католичкиот и православниот Велигден, побарувачката се зголемува двојно, а производителите предупредуваат дека состојбата е неизвесна.
Домашните фармери велат дека побарувачката од европските земји значително пораснала во последните месеци, особено поради недостатокот на јајца на глобално ниво. Земји како Германија, Италија и Австрија се подготвени да платат повеќе за македонските јајца, што ги става домашните потрошувачи во неповолна ситуација.
„Во изминативе месеци, добиваме голем број барања од странски увозници кои нудат цени што домашниот пазар не може да ги следи. Се трудиме да најдеме баланс, но економската логика нè тера да продаваме таму каде што има поголема добивка“, вели Трајан Маџаров, сопственик на живинарска фарма.
Според него, производството не може одеднаш да се зголеми, бидејќи кокошките имаат природен циклус на несење јајца, а дополнителното инвестирање во проширување бара време и средства.
Иако производителите уверуваат дека ќе направат сè за да ги снабдат македонските потрошувачи, сепак не можат да гарантираат дека нема да има недостиг.
Малите продавници и маркетите веќе сигнализираат дека набавката е поскапа и потешка.
„Минатата година во овој период имавме редовна испорака, но сега добиваме само дел од нарачаното количество. Цените исто така растат, па можно е за Велигден јајцата да бидат поскапи од лани“, вели Елена Петровска, управителка на малопродажен маркет во Скопје.
Вообичаено, побарувачката за јајца расте во неделите пред Велигден, бидејќи домаќинствата купуваат поголеми количини за бојадисување и подготовка на празнични јадења.
Аналитичарите за пазарот на храна велат дека ситуацијата со јајцата не е изолиран случај.
Влијанието на глобалните фактори, како што се зголемените цени на добиточната храна, транспортот и енергетските трошоци, создава нестабилност на пазарот.
„Македонија има солидно производство на јајца, но кога европските пазари нудат повисоки цени, природно е дел од производството да заврши таму. Државата може да размисли за некаква регулатива за да се осигура доволно снабдување на домашниот пазар“, објаснуваат аналитичарите.
Извор:Денар