Утрински Весник
Македонија

12 Март – Европски ден за подигање на свеста за насилството врз лекарите и здравствените работници

7 20250312 054005 0006.jpg

Европскиот ден за подигање на свеста за насилството врз лекарите и здравствените работници, Лекарска комора како и докторските комори ширум Европа повикуваат на итна акција за справување со насилство со кое се соочуваат здравствените професионалци и кое е присутно во здравствените установи.

Годинава Комората, преку кампања на социјалните мрежи, потсетува на важноста за негување на партнерски однос помеѓу докторите и пациентите заснован на меѓусебно разбирање и почит за што поддршка доби и од здруженијата на пациенти. Секој пациент заслужува најдобра можна здравствена грижа, а секој здравствен работник заслужува да работи во безбедна средина. Затоа, градењето на меѓусебна доверба, професионализам и механизми за отчетност е единствениот пат кон подобрување на здравствениот систем – без потреба од насилство, без страв и без дополнителни жртви. Ако постои сомнеж за грешка или занемарување, пациентите имаат право да бараат објаснување, второ мислење или да поднесат официјална жалба. Дијалогот помеѓу пациентите и лекарите е клучен бидејќи многу од недоразбирањата произлегуваат од страв, незнаење или неправилна комуникација.


Насилството врз здравствените работници – почнувајќи од вербална злоупотреба до физички напади – достигна алармантно ниво. Истражувања направени од релевантни меѓународни организации проценуваат дека над 60% од здравствените работници во Европа доживеале некаков облик на насилство на нивното работно место. Во анкета спроведена од Лекарската комора пред три години – 78% од докторите пријавија дека биле изложени на  некаков вид насилство на работното место. Од нив, 80% биле изложени на вербално насилство, додека 6.8% доживеале физичко насилство. Речиси 70% од нападите воопшто не се пријавени. Во изминатата 2024 година, во Комората се пријавени само четири напади. Во еден случај докторот е физички нападнат, во два случаи станува збор за вербален напад со закана за употреба на сила и во еден случај доктор е изложен на навреди на социјалните мрежи. Во сите случаи нападите се сторени од пациент или од член на потесното семејство. 

„На овој ден ги повикуваме креаторите на политиките да преземат решителна акција за сузбивање на насилството врз здравствените работници и генерално во здравствените установи преку имплементација во пракса на веќе донесените законски решенија за заштита од насилството, преземање на подобрени безбедносни мерки во болниците,  обука на здравствените работници за важноста на емпатијата во односот со пациентите, како и обука за начините за деескалација на конфликтот, психолошка поддршка на оние кои се соочиле со проблемот, како и кампања за подигнување на јавната свест за важноста од негување на однос на доверба меѓу пациентите и лекарите. Никој не треба да се плаши за својата безбедност додека пружа помош, ниту пак пациентите треба да се чувствуваат несигурно додека ја добиваат здравствената услуга која им е потребна. Европскиот ден за подигање на свеста за насилството врз здравствените работници служи како моќен потсетник дека насилството не треба да биде дел од работата на здравствените работници и не треба да биде присутно во здравствените установи”, вели проф. д-р Калина Гривчева Старделова, претседател на Лекарска комора.

На иницијатива и залагање на Лекарската комора, во 2023 година се направени измени на Кривичниот законик со што насилството врз здравствените работници е насилство кон службени лица и претставува кривично дело. Со тоа, делата како употреба на сила, сериозни закани, навреда, малтретирање, задавање телесни повреди или закана со употреба на оружје кон лекар при вршење на професионалните работни задачи се кривични дела за кои е предвидена казна затвор. Овие законски измени се во насока на демотивирање на избор на насилството како начин за решавање на проблемите.

Можете да прочитате

Штипската Клиничка болница предвидува набавка на нови медицински апарати

Д-р Чибишев предупредува: Увезениот мазут во Македонија носи смртоносни последици по здравјето

Божиновска во Азербејџан: Македонија може да стане регионален центар за транспорт на гас