
Јас и цела Струмица бараме одговор зошто се блокира реконструкцијата на патот Струмица – Дабиле во булеварско решение, праша денеска струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов.
Ова, додаде тој, е многу голем проблем за нас струмичани, но и оние кои патуваат до Бугарија, Ново Село, Берово и за индустриската зона во којашто егзистираат триесетина компании коишто гледаат фамилии и даваат плати со чесно заработени пари.
„Овој проект за којшто ние сме сакале да покажеме партнерски однос кон државата и сме потпишале Спогодба е блокиран поради неспособност или поради водење инает со цела Струмица.
Оваа Спогодба општина Струмица ја има потпишано со Јавното претпријатие за државни патишта кое е под ингеренции на Министерството за транспорт и врски, а кое требаше целосно да ги реши сите имотно – правни односи за потребното земјиште. Но, од кога е потпишана Спогодбата експропријацијата не е решена, а со тоа ниту нашиот изведувач на општина Струмица, ниту изведувачот на ЈПДП, ниту ЕВН кој што треба да направи дислокација на одредени столбови, не можат да работат заради незавршени имотно – правни односи.
Кој и зошто ја блокира општина Струмица?
И јас и граѓаните заслужуваме одговор, затоа што станува збор за една од најфреквентните делници во Македонија и ова повеќе нема да го толерираме. Крајно време е сите да се фатиме за работа наместо како делегации да трошиме по 200 илјади евра во еден правец. Инаетот со Струмица и струмичани, носи само пораз“ кажа Костадинов.