
Неделава Апелацискиот суд во Скопје му ја намали казната на Бојан Јовановски алијас Боки 13 од 9 на 5 години, за пресудата во предметот „Рекет“.
Имајќи предвид дека Боки 13 одлежа нешто повеќе од четири години, на крајот излегува дека тој веќе е слободен човек иако во затвор не е подолг месец затоа што доби отпуст поради здравствени причини.
Во јавноста и општествените кулоари се шпекулира дека ваквата одлука на Апелација, односно ослободувањето на Боки 13 е награда за неговата улога во предизборниот период во 2024 година.
Тогаш Јовановски низ јавни настапи а особено во поткастот кај Лазаров изнесуваше детали за наводни негови случки со членови на раководството на СДСМ.
Емисијата се емитуваше непосредно пред денот на избори, а поради изборниот молк функциониерите на СДСМ немаа можност да се одбранат ниту да ги демантираат изјавите на Боки 13.
Сето тоа се случуваше кога Јовановски беше на отпуст поради наводна болест па затворската ќелија ја смени со подкаст студиото на Лазаров.
Со истиот Лазаров, Јовановски организираше мега „гивавеј“ или наградна игра, што го крена алармот во институциите, првенствено во УЈП која „чешлаше“ документации и се обиде да го прекине шоуто.
Но, епилог од таа акција до ден денес нема, односно не се знае дали Јовановски го прекршил или не законот, па оттаму оправдано се поставува прашањето дали некој ургирал во УЈП за целата работа да се заташка или навистина немало никакви докази против Боки 13?
Сепак, низ неколку медиуми се шпекулира дека во редовите на власта има поединци кои одработуваат за Боки 13, а според други медиумски тврдења, работата како за намалување на казната, така и за прекинот на истрагата на УЈП, работата ја има завршено еден од потпретседателите на Владата.
Она што е сигурно е дека оттогаш тој ја прекинува соработката со Лазаров а водителот тоа и јавно го кажа додавајќи дека веќе не го почитува.
Освен естрадната, Боки 13 има и поголема, подлабока политичка улога во македонското општество.
Бојан Јовановски – Боки 13 иако познат од порано како медиумска личност во политичко општествениот живот на голема врата се појави во случајот „Рекет“ и онаа фамозна снимка од 2019 година каде заедно со Зоран Милески Кичеец од домот на Орце Камчев излегуваат со луксузна торба наводно полна со евра кои требало да бидат поткуп во случајот „Империја“.
Една година подоцна Боки 13 од страна на судот во Скопје беше осуден на девет години затвор, Катица Јанева на седум, а Кичеец на три години откако веќе на првото рочиште призна вина.
Од тие девет години Боки 13 одлежа повеќе од четири, а останатиот период го користеше за јавни настапи каде и де факто одработуваше за денешната владејачка политичка опција.