Утрински Весник
Македонија

Ако возите брзо, со алкохол во себе или поминете на црвено, итно ќе бидете кривично гонети, најавува обвинителството

Policija 2.webp.webp

Имајќи ги предвид статистичките податоци на Министерството за внатрешни работи кои укажуваат на зачестеност на прекршочните и кривичните дела од областа на сообраќајот, претставници на Основното јавно обвинителство Скопје се состанале со полициски служби од СВР Скопје, на кои им издале конкретни насоки за поефикасно постапување при ситуации на загрозување на безбедноста во сообраќајот, а во кои настапиле последици кои содржат обележје на кривично дело.

„Насоките налагаат задолжително итно постапување во ситуации кога при сообраќајна несреќа кај возачот/возачите е констатирано управување со возило без возачка дозвола (воопшто не е издадена), поминување на вклучено црвено светло на семафор, очигледна прекумерна брзина, состојба на пијанство, возење во спротивна насока, како и преминување на двојна полна линија. Итна постапка ќе се води и во ситуации каде возачот го напуштил местото на несреќата и не укажал помош на повредени пешаци или други лица. Итното постапување на полициските служби во вакви ситуации ќе му овозможи на јавниот обвинител да изврши проценка дали и со какви мерки треба да го обезбеди сторителот во текот на кривичната постапка и да ги заштити граѓаните од евентуално повторување на неговите дејствија“, наведено е во соопштението на Обвинителството.


Оттаму се додава дека како доказ во прилог на кривичните пријави за вакви дела задолжително да се доставува до јавното обвинителство и целосна прекршочна и кривична евиденција за осомничениот, која треба да ги содржи сите поднесени прекршочни и кривични пријави и сите издадени платни налози за лицето.

„Во поглед на итност и построго казнување, посебно да се има предвид дали лицата се повеќе пати застанувани и казнувани за исти прекршоци. Кривичните пријави да содржат колку што е можно попрецизни, детални и точни податоци за сведоци, пријавени и оштетени со телефонски броеви и адреси од лични карти, но и моментални адреси на престојување. Со посебно внимание да се обезбедуваат докази и да се фотодокументираат сообраќајните знаци кои се во важност на локацијата каде се случила сообраќајна несреќа“, се додава во соопштението.

Целта на насоките е да се овозможи поефикасен кривичен прогон на сторителите на вакви дела, а со тоа да се делува и превентивно против зачестеното безобзирно управување со моторни возила со кое се загрозува безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.

Можете да прочитате

JO поведе постапка за демнење на градоначалникот на Неготино

Лимани: Да започнеме секој со индивидуален влог, а да целиме кон заедничко добро

Протест на вработени во Филхармонија: Одлуката за избор на директор не смее да биде политичка