Утрински Весник
Македонија

Фетаи уште во ноември барала затвор за Јованов, но тој останал на слобода пред фаталната несреќа

Fatime Fetai 960x528 1.jpg

Вишата јавна обвинителка Фатиме Фетаи уште во ноември побарала затворска казна за Васил Јованов, кој според првостепената пресуда доби воспитно-поправна мерка од шест месеци до пет години за продажба на марихуана и кокаин пишува „Фокус“.

Како што дознава „Фокус“, Фетаи била задолжена да го застапува предметот пред Апелација, каде што поднела предлог да се одбие жалбата на Јованов, а да се уважи жалбата на скопското обвинителство кое барало построга кривична санкција.


Во својот предлог, Фетаи нагласила дека казната треба да биде поостра за да се спречат идни кривични дела и да се постигнат целите на казнувањето. Таа навела дека Кривичниот суд правилно ја утврдил фактичката состојба и го прогласил Јованов за виновен, но смета дека санкцијата била премногу блага.

Обвинителката потенцирала дека првостепениот суд ги ценел олеснителните околности – младоста, неосудуваноста и студентскиот статус на Јованов – но ги занемарил отежнителните. Таа истакнала дека обвинетиот покажал манипулативно однесување, не ја признал вината и не покажал искрено каење. Дополнително, во својот предлог Фетаи посочила дека Јованов ја продавал дрогата во станови изнајмени специјално за таа намена, таргетирајќи ја младата популација.

Фетаи дала и негативно мислење за укинување на притворот на Јованов, барајќи да остане зад решетки.

Додека ја чекал одлуката на Апелација на слобода, Јованов на 29 јануари ја прегази 22-годишната студентка Фросина Кулакова на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. Тој возел пијан, без возачка дозвола, со голема брзина и поминал на црвено светло.

Во моментов, Јованов е во притвор во истражниот затвор „Скопје“, а Апелација треба да донесе одлука за неговата жалба во следните неколку дена.

Можете да прочитате

Одреден 30дневен притвор за Пеце Мирчески

Мицковски вели не е загрижен за инвеститорите кои си заминуват, туку позагрижен е дали ќе има доволно работна сила по доаѓањето на новите

Државниот буџет оштетен за скоро два милиона евра, покажала ревизијата во Министерството за економија и труд