Стопанската комора на Северна Македонија денеска организира „Ден на извозот“, настан кој отсега секоја година традиционално ќе се одбележува за поголема афирмација на домашните извозни компании.
„Ден на извозот“ ќе започне со работна седница на Националниот совет за извоз и со промоција на Клубот на извозници и на Институтот за извоз како специјализирани тела кои го сочинуваат новиот концепт за извоз на Комората.
На седницата на Националниот совет за извоз, како што најавија од Стопанската комора, ќе присуствуваат премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на комората Бранко Азески. Предвидено е во рамки на настанот свечено да бидат отворени просториите на Институтот за извоз.
Националниот совет за извоз претставува тело за јавно-приватен дијалог во доменот на креирањето политики за унапредување на извозот, зајакнување на извозните потенцијали на домашната економија, поттикнување на конкурентноста на извозно ориентираните компании и за освојување нови пазари. Во него, покрај Азески како претседател на Националниот совет за извоз, членуваат и претставници од приватниот сектор од различни дејности кои се извозно ориентирани, како и највисоките претставници од Владата и владините институции, вклучително и премиерот Христијан Мицкоски.