Реални и автентични сведоштва на девојки и жени кои се соочиле со онлајн закани, уцени, вознемирувања и објавување интимни содржини на интернет без согласност се екранизирани во три видеа во рамки на кампањата „И онлајн насилството остава лузни“ што ја имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Преку видеата се доловуваат насилството, траумите и стравот со кои се соочуваат жртвите на насилство на интернет и се охрабруваат и информираат како да го пријават случајот во полиција.
Анкетата што ја спроведе УНДП, на која учествуваа 311 испитанички, покажа дека повеќе од 60 отсто од жените во земјава најмалку еднаш се соочиле со онлајн насилство, додека една од десет жени е жртва на злоупотреби на интернет секој ден. Сведоштвата на три девојки и жени од оваа анкета беа развиени во видеа со цел да се зголеми свесноста за присуството на овој вид насилство и да се информираат жртвите како да го препознаат и пријават насилството. Во видеата беа ангажирани три млади актерки кои ги пренесоа стравот и траумите со кои се соочиле жртвите.
„Многу ми е страв! Тој ми се закани дека ќе објави фотографии од мене како се туширам и сум гола на Фејсбук, без моја согласност.“
Линк до видео 1: https://www.youtube.com/watch?v=Tz3fWf5DYu4&t=2s
„Ме демнеше маж на социјалните мрежи преку лажни профили и ми ги следеше активностите на интернет. Ме уценуваше да се омажам со него за да запре демнењето и вознемирувањето. Ми се закани и дека ќе ме убие.“
Линк до видео 2: https://www.youtube.com/watch?v=CD60u93Grzw
„Имам 17 години. Група малолетни машки лица сексуално ме вознемируваа и снимката од тоа ја објавија на интернет.“
Линк до видео 3: https://www.youtube.com/watch?v=sS2QBNnVzGE
Онлајн родово – базираното насилство е секоја форма на демнење, вознемирување, закани, родово-базиран говор на омраза, споделување интимни содржини без дозвола, и во најголема мера е насочено кон жените и девојките. Овој тип насилство може да се пријави во полициска станица или на електронската адреса cybercrime@moi.gov.mk.
Кампањата „И онлајн насилството остава лузни“ се спроведува во рамки на проектот „Сузбивање на сексуално и родово-базирано насилство во дигиталната сфера“, кој УНДП го имплементира со финансиска поддршка на Министерството за надворешни работи на Јужна Кореја.