Утрински Весник
Балкан

Фрлена рачна бомба врз зградата на општината во Звечан во северно Косово

20241129091716 Big 730x400 72.webp.webp

Косовската полиција соопшти дека синоќа пред полноќ дошло до експлозија во Звечан во северно Косово, предизвикана најверојатно од рачна бомба фрлена врз зградата на тамошната општина, јави дописникот на МИА од Приштина.

Заменик директорот на косовската полиција за северниот регион, Ветон Елшани изјави дека нема повредени и е предизвикана само материјална штета. Тој информира дека е оштетена општинската зграда, како и четири паркирани автомобили.

Полицијата претпоставува дека е употребена рачна бомба М-75.

„Синоќа пред полноќ се случи експлозија за која се сомневаме дека е предизвикана од рачна бомба М-75. Истата предизвикала материјална штета на зградата на општина Звечан и на четири автомобили кои биле паркирани во близина. Повредени и сомнителни лица нема, додека полицијата работи на расветлување на случајот. Полицијата останува посветена да продолжи да дава услуги за граѓаните од северот на државата“, се вели во изјавата на Елшани.

Пред два дена беа фрлени две рачни бомби во дворот на полициската станица во Звечан. Полицијата соопшти дека освен материјална штета нема повредени.

Градоначалникот на Звечан, Илир Пеци, остро го осуди овој чин, нарекувајќи го неприфатлив и сериозна закана за јавната безбедност.

Пеци рече дека како градоначалник на таа општина ќе се заложи да се преземат сите неопходни мерки за да се гарантира безбедноста на граѓаните и да се поддржат институциите на редот и мирот.

Звечан е општина во северно Косово, населена со мнозинско српско население. Како и во другите три општини во областа – Северна Митровица, Лепосавиќ и Зубин Поток – и во Звечан минатата година имаше големи протести на косовски Срби против преземањето на должноста на градоначалниците Албанци, откако Србите ги бојкотираа локалните избори во знак на протест против политиките на Владата во Приштина кон таа етничка заедница.

Можете да прочитате

Ученик се обидел со запалка да ја запали косата на првоодделенец во училиште во Нови Сад

Бугарскиот Парламент повторно заседава во обид да избере претседател

Уапсени сторителите на вооружениот грабеж на 1,2 милиони евра од комбе со пари во близина на Атина