Утрински Весник
Македонија

Граѓаните да пријават дека не можат да искористат закажан лекарски преглед во Мој термин за да остават место за други пациенти

Lekar.webp.webp

Заменик министерот за здравство Јовица Андовски изјави дека се бара решение за проблемот со закажани термини во јавното здравство, на кои не се појавуваат пациенти.

Апелираше до граѓаните, доколку имаат закажан термин, а не можат да го искористат, барем последниот ден со смс порака или преку докторот, да го откажат терминот. На тој начин ќе остават место пациентите на кои навистина им треба дијагностичка процедура да ја завршат и да нема големи листи на чекање.

-Ги следиме податоците на закажани термини и на искористени термини. Стварно се јавува еден доста голем проблем. Ние сме во постојана координација и со Мој термин и со Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Разговараме за да изнајдеме идејно решение како тоа би се надминало, посочи Андовски.

Тој кажа дека ова претставува доста голем проблем затоа што им се зема редот на оние граѓани на коишто навистина им треба дијагностичка процедура.

На пример, изминатиот период, во Скопје за компјутерска томографија, од 4.070 закажани термини, 970 не дошле.

-Тоа се над 23 проценти од луѓето од пациентите без откажување не се појавиле на тој термин, појасни тој.

Андовски рече дека се прават анализи и дека во многу земји тоа се решава на повеќе начини.

– Само треба да се решиме на кој начин тоа ќе се направи, одговори Андовски на новинарско прашање.

Во некои земји, двапати ако се откаже терминот, следува одредена парична казна или пак нема да може да закаже редовен термин за одреден временски период.

-Ние не би сакале да одиме со такви реперкусии. Првин ќе апелираме, ќе видиме, ќе разговараме и со докторите, ќе разговарме и преку здруженијата на пациентите, ќе апелираме. Тоа е последно што може да направиме, подвлече тој.

Од Мој термин се праќаат пораки и потсетуваат, и според Андовски, дури и последниот ден да се откаже терминот таму се организирани, може веднаш да го ослободат терминот.

Можете да прочитате

Шекеринска ги обедини СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во чест на историскиот успех

Македонски автобус вечерва се излизга од автопат и удри во банкина во Србија

Мицкоски: Се надевам дека деновиве ќе имаме друга позиција од банките, целта е што пониска камата за бизнисот