Утрински Весник
Економија

Вицегувернерката Митреска: Очекуваме понатамошно намалување на инфлацијата следната година

Vg Ana Sloboden Pechat.jpg

„Инфлациските очекувања се поволни, a притисоците од глобалните цени на храната и енергентите се намалија, со што за наредната година Народната банка очекува натамошно  забавување на просечната инфлација, сведувајќи се на 2,5%, а на среден рок на историските просеци од 2 отсто”. Ова го истакна вицегувернерката Ана Митреска на гостувањето во емисијата „Утрински брифинг” на ТВ „Слободен печат”.

„Нашата последна оцена за инфлацијата за следната година е околу 2,5 проценти и таа се заснова врз претпоставки за умерен пад на цените на нафтата следната година, умерен раст на цените на храната на светско ниво, по нивниот пад изминатата година, како и некои домашни фактори коишто ги земаме предвид”, вели Митреска.

Добар сигнал е и тоа што инфлациските очекувања се поволни, односно потрошувачите веќе подолг период очекуваат намалување на цените. За сето ова значајна улога имаа и мерките што ги спроведе Народната банка. Сепак вицегувернерката Митреска нагласи дека ризиците коишто произлегуваат од глобалните случувања, растот на платите, како и растот на цените на услугите сѐ уште постојат.

„Во изминатиот период на неколку последователни кризи, она што го гледаме и низ Европа и кај нас е задржување на позитивните и релативно солидни профитни маржи, со умерен раст по одредени години и ова веројатно е една од причините поради кои некои ценовни категории сѐ уште не се приспособуваат надолу, па дури и кај дел од цените на храната”, посочи вицегувернерката Митреска и напомена дека позитивниот профит покрај тоа што може да делува врз нивото на цените, може и да го ублажи досегашниот раст на платите, но и евентуалните шокови со коишто може да се соочиме во следниот период.

Вицегувернерката Митреска напомена дека Народната банка и натаму претпазливо ќе ја води монетарната политика со примена на макропрудентни мерки, коишто дополнително ќе ја зајакнат финансиската стабилност.

„Во текот на кризите, не само што се задржа, туку и дополнително се зајакна отпорноста на банкарскиот систем, којшто во целиот овој период постојано обезбедува кредитна поддршка за економијата. Главниот параметар преку кој се утврдува стабилноста на системот секако е неговата капитализираност, којашто во моментов изнесува околу 19% и е повисока во однос на нивото пред пандемијата, но и стабилната и солидна ликвидност и  добриот квалитет на кредитното портфолио”, истакна вицегувернерката Митреска.

Можете да прочитате

„Сакам да работам“ до ДУИ и ВЛЕН: Дали вашата политичка војна треба да остави 10 илјади луѓе без работа

Демант од Групација на небанкарските финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија

Азески во посета на металуршките компании во комплексот Железара