Утрински Весник
Македонија

Граѓаните чекаат со часови за ваучери за клими, револтирани од неорганизираниот процес

Whatsapp Image 2024 11 07 At 16.29.26.jpeg

Денес пред спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, стотици граѓани чекаат во долг ред за да ги подигнат ваучерите за инвертер-климите, што ги доделува Министерството за енергетика. Колоните се протегаат од влезот на салата, вдолж платото, до паркингот.

Министерката за енергетика, Сања Божиновска, истакна дека ваучерите ќе можат да се подигнат до крајот на месецот во просториите на министерството, како и на 30 места низ државата, вклучувајќи ги спортските сали во Скопје и Битола, а за други градови во Центрите за вработување. Процесот на подигање на ваучерите започнал на 21 октомври, а се очекува сите граѓани до крајот на месецот да ги добијат и искористат.

„Ние се надеваме дека сите ќе ги искористат ваучерите и ќе можат да купат инвертер-клими до крајот на месецот. Можеби рокот за купување на уредите ќе биде продолжен, но тоа ќе зависи од бројот на искористени ваучери,“ изјави Божиновска.

Граѓаните беа запрашани зошто ваучерите не се испраќаат по пошта, на што Божиновска објасни дека процесот со Пошта е подолг, бидејќи треба да се потпишат договори и тие да се вратат. За ова, предвидено е дополнително ангажирање на вработени во министерството.

Граѓаните изразуваат незадоволство и заради фактот што ваучерите не се испраќаат по пошта, па мораат да ги подигнат лично, што создава дополнителни проблеми, особено за оние кои работат во текот на работното време.

Во врска со можноста за злоупотреби, Божиновска нагласи дека се надева ваучерите ќе бидат искористени за енергетска ефикасност и за домаќинства на социјално ранливите граѓани. Во случај на злоупотреби, ќе следуваат санкции.

Граѓаните се пријавиле за ваучери во февруари годинава, со вкупно 18.805 барања, од кои 4.305 за ранливи потрошувачи и 14.500 за енергетска ефикасност. За проектот се обезбедени 155 милиони денари, што ќе биде доволно за 6.182 ваучери.

Можете да прочитате

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер