Утрински Весник
Македонија

Ахмети со писмо до Мицкоски: Одлуките на Уставниот суд ја доведуваат во прашање стабилноста и меѓуетничката кохезија

Mickoski Ahmeti.jpg

Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска објави дека нејзиниот претседател Али Ахмети испратил официјално писмо до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Во писмото, Ахмети се осврнува на неодамнешните одлуки на Уставниот суд кои, според него, ги доведуваат во прашање заштитните механизми за заедниците и правата на користење на јазиците, предупредувајќи дека овие одлуки можат да ги влошат меѓуетничките односи и стабилноста на Северна Македонија.

Писмото на Ахмети доаѓа во исклучително чувствителен геополитички момент кога регионот се соочува со разни предизвици, од ескалацијата на руската агресија врз Украина до комплексните односи на Балканот, особено тензиите меѓу Косово и Србија и блокадите од страна на Бугарија. Ахмети во писмото нагласува дека сите нови тензии може да доведат до сериозни последици по меѓуетничките односи и заедништвото во земјата, повикувајќи на соработка и одговорност.

„Одлуките на Уставниот суд, кои делуваат како исполнување на програмата на вашата партија за укинување на клучните механизми за заштита на заедниците, предизвикаа загриженост кај граѓаните посветени на градењето на одржливи меѓуетнички односи,“ стои во писмото. Ахмети истакнува дека Охридскиот договор, кој е основа на мултиетничката стабилност на Северна Македонија, е повеќе од политичка декларација – тој е темел на демократскиот и европски пат на земјата.

ДУИ ги повикува сите политички партии и институции да покажат зрелост и одговорност во овој критичен период и да бараат решенија што ќе ја зајакнат соработката и заедништвото, а не поделбите. Во завршетокот на писмото, Ахмети ја повикува ВМРО-ДПМНЕ да го разгледа значењето на Законот за употреба на јазиците и да размисли за последиците од неговото изменување или укинување, нагласувајќи дека тоа би претставувало опасен преседан за земјата и нејзиниот регионален мир.

Во продолжение писмото:

„Почитуван г. Христијан Мицкоски,
Претседател на ВМРО-ДПМНЕ,

Ви се обраќам во исклучително чувствителен период за нашата земја. Геополитичката состојба е поопасна од кога било од крајот на минатиот век, со ескалацијата на руската агресија во Украина, амбициите на Кина, сложената ситуација на Западен Балкан, нестабилноста во Босна и Херцеговина, тензиите меѓу Косово и Србија, како и континуираните блокади од страна на Бугарија. Во оваа комплицирана средина, секое ново нарушување на меѓуетничките односи би имало сериозни последици за внатрешната кохезија и предвидливост.

Последните одлуки на Уставниот суд, кои изгледа дека се извршување на програмата на вашата партија за укинување на клучните механизми за заштита на заедниците, предизвикаа загриженост кај сите граѓани кои се посветени на градењето на подобро одржливи меѓуетнички односи во Северна Македонија.

Охридскиот договор, кој донесе подобро меѓуетничко разбирање, не е само политичко прашање, туку е темел на нашата мултиетничка демократија, стабилност и демократски напредок. Секоја обид за негово доведување во прашање, особено во актуелниот контекст, е чекор кој може да ја влоши состојбата во земјата и регионот.

Одлуките за измена или ревизија на Законот за употреба на јазиците, кој е клучен елемент на Охридскиот договор, не се само политички контроверзни, туку и штетни за напредокот и соработката меѓу заедниците. Ова е развој што може да ги поткопа придобивките стекнати со значителен труд и да ја врати земјата во периоди на несигурност.

Затоа, ве повикувам да размислите со зрелост и одговорност за овие одлуки кои имаат потенцијал да ја нарушат мултиетничката кохезија во Северна Македонија. Иднината на нашата земја треба да се гради врз основа на соработка и взаемна почит, а не врз поделби. Секој чекор што ги нарушува овие основи е штетен за иднината на нашата земја и за сите нејзини граѓани, без разлика на етничката припадност“, се вели во писмото.

Можете да прочитате

Николоски: Историски ден за Македонија, по 50 години почнуваме реални работи автопатска делница од Гостивар до Букојчани и Кичево

УХМР: Следните два дена облачно, во среда слаб локален дожд

За вакцинација за сезонски грип досега пријавени над 61 илјада, вакцинирани над 19 илјади граѓани