Утрински Весник
Свет

Путин го отвори состанокот на БРИКС во Казан во проширен формат

20241024120045 Big 730x400 51.webp.webp

Рускиот претседател Владимир Путин, во својство на домаќин на самитот на БРИКС во Казан, денеска ја отвори средбата на лидерите на „десетката“.

На отворањето на состанокот, Путин изјави дека „во тек е формирање мултиполарен свет“.

„Процесот на формирање мултиполарен свет е во тек, динамичен и неповратен процес“, рече Путин на почетокот на самитот, со кој Кремљ се обидува да направи противтежа на „западната хегемонија“.

Рускиот претседател додаде дека околу 20 лидери собрани во Казан ќе разговараат за „најитните прашања“, вклучувајќи ги и прашањата за „решавање на регионалните конфликти“.

Според него, сите земји-членки на БРИКС, не со зборови, туку со дела, имаат позитивно влијание врз стабилноста во светот.

„Сите наши земји се декларираат за еднаквост, добрососедство и меѓусебно почитување, за афирмирање на високите идеали на пријателство и договор, за универзален просперитет и благосостојба, покажуваат одговорност за иднината на светот не со зборови, туку со дела. Тие покажуваат навистина позитивно влијание врз ситуацијата во сферата на глобалната стабилност и безбедност, даваат значаен придонес во решавањето на акутните регионални проблеми“, истакна рускиот лидер.

Путин посочи дека групата ќе разговара за нејзиното проширување, со оглед на потребата да се одржи ефективноста. Тој додаде дека повеќе од 30 земји изразиле желба да се приклучат на БРИКС.

На тридневниот самит во Казан ќе се разговара и за прашања како што се проширувањето на плаќањата во национални валути и воведувањето на категоријата „земји партнери на БРИКС“ – еден вид алтернатива за натамошното проширување на асоцијацијата, која неодамна го удвои својот состав од пет на десет земји.

Се очекува лидерската средба да продолжи зад затворени врати. Потоа ќе следи средба во проширен формат со учество на делегации и се планира да биде отворена за медиумите.

БРИКС, кој првично се состоеше од Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, се прошири и ги вклучи Иран, Египет, Етиопија, Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија.

Турција, Азербејџан и Малезија поднесоа барање за членство, а интерес за приклучување изразија уште неколку земји.

На маргините на самитот, Путин ќе има бројни билатерални средби. За утре е планирана средба и со генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, кој утрово пристигна во прва посета на Русија по повеќе од две години.

Советникот за надворешна политика во Кремљ, Јуриј Ушаков, рече дека Русија ја поздравува мировната иницијатива на Кина и Индија за Украина, за која се разговараше за време на билатералните состаноци на маргините на форумот БРИКС во Казан.

Можете да прочитате

Блискиот исток, Украина и Трамп се на агендата на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7

Во Бејрут прекин на наставата во училиштата и универзитетите до крајот на декември

Драма на аеродромот во Анталија, авион се запали – евакуирани 79 патници