Утрински Весник
Свет

На аукција ќе се продава еден од последните болиди на Михаел Шумахер

Sumaher Bolid 2006.jpg

На аукција оди еден од последните болиди со кои легендарниот Михаел Шумахер освојуваше титули во Формула 1.

Болидот се користеше во 2006 година, односно во последната сезона на Шумахер во тимот на Ферари. Станува збор за болидот Ферари 248 Ф1, петти од вкупно осум произведени болиди за таа година. Што се однесува до трките, тој дебитираше на четвртата трка во сезоната, која се одржа во Имола, а Шумахер ја зазеде пол-позицијата во квалификациите, а потоа победи. Тоа беше негов прв триумф во 2006 година.

На следната трка на Нирбургринг, Шумахер се квалификуваше како втор, но паметната стратегија во боксот му овозможи да ја освои победата. Потоа возејќи го овој болид беше втор во Шпанија, Велика Британија и Канада, додека во САД оствари пол-позиција и уште една победа. Тој славеше и во Франција, а болидот беше пензиониран по трката во Унгарија.

RM Sotheby’s наведува дека овој автомобил бил купен од Ферари од приватен колекционер во декември 2007 година и останал во истата колекција до денес. Има сертификат Ferrari Classiche и е користен на неколку приватни тестови на патеката Фиорано.

Беше изложен и во музејот за автомобили Петерсен во Лос Анџелес во 2017 година, како дел од изложбата „Seeing Red: 70 години Ферари“.

Се проценува дека новиот купувач ќе треба да издвои повеќе од 10 милиони евра за Ferrari 248 F1.

Можете да прочитате

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење

Петнаесет лица повредени во руски напад врз Харков