Утрински Весник
Македонија

Ден на македонската револуционерна борба

Makedonsko Zname.jpg

Во земјава денеска се одбележува 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба. На овој ден во 1893 година во Солун била основана Внатрешната Македонско-Одринска Револуционерна Организација (ВМОРО), со цел извојување автономија на Македонија преку револуционерна борба.

Кулминација на дејноста на ВМОРО е организирањето на Илинденското востание во 1903 година во Македонија и на Преображенското востание во Одринска Тракија.

Основите на Организацијата се поставени на 5 ноември 1893 година (23 октомври – според стариот календар) во куќата на книжарот Иван Хаџи Николов во Солун. На основачкиот состанок присуствуваат: Д-р Христо Татарчев – лекар, родум од Ресен, Даме Груев – учител, родум од с. Смилево – Битолско, Петар Поп Арсов – учител, родум од с. Богомила – Велешко, Иван Хаџи Николов – книжар во Солун, родум од Кукуш, Антон Димитров – учител, родум од с. Ајватово – Солунско и Христо Батанџиев – учител, родум од с. Гуменџа, Ениџе Вардарско.

Основачите почнуваат да ги шират овие револуционерни идеи меѓу прогресивната младина во Солунската бугарска машка гимназија.

Набргу, учениците во гимназијата создаваат кружоци, конспиративни групи и др. По завршувањето одат по своите родни места и таму почнуваат да агитираат.

Младите студенти и нивните професори стануваат стожерот, односно движечката сила на македонската револуција. Емисарите вршат обиколки по селата во Македонија и Одринска Тракија и формираат месни комитети.

Откако на овој начин се формирала структурата на организацијата, се започнало со процесот на создавање вооружени чети и почнале набавки на оружје по илегални канали од Бугарија и Грција.

По повод Денот на македонската револуционерна борба, во Музејот на македонската борба ќе се одржи Свечена академија под слоганот „Завет кој обврзува” на која што свое обраќање ќе има претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.

Владина делегација во 11 часот ќе положи свежо цвеќе пред Споменикот на основачите на ВМРО кој се наоѓа во Жена-парк Скопје, исто како и собраниската делегација составена од потпретседателот, Антонијо Милошоски и пратеничката Емилија Ангелова.

Државната награда „23 Октомври“ ќе биде, исто така, доделена денеска во Кристалната сала на Собранието на Република Северна Македонија во 12 часот. 

Добитник на наградата „23 Октомври“ годинава е поетот Славе Димоски, за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоција на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство од јавен интерес на Република Северна Македонија.

Можете да прочитате

Следните неколку денови стабилно, па повторно промена и дожд

Молика стара 250 години уништена од силен ветер

Меџити тоа што не може да го блокира, го узурпира, реагира Ирена Витина