Утрински Весник
Македонија

Нови детали за скандалот на Онкологија: Утврдени се неправилности во спроведувањето на пописот на залихите и управувањето

Onkologija.jpg

Неправилности во спроведувањето на пописот на залихите и управувањето со истите, утврдил Државниот завод за ревизија по извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија за 2023 година.

-Недостасува вредносно усогласување на сметководствената евиденција за лекови и материјали со фактичката состојба, а евидентирањето на приемот и издавањето на лековите од аптека до организационите единици се врши со задоцнување. Исто така, не се внесуваат податоци за вредноста на лековите примени преку донации, што влијае на целосноста на податоците во Билансот на состојба, соопшти ДЗР.

Во текот на 2023 година Клиниката, како што се додава во соопштението, примила лекови во вредност од 33 милиони денари по основ на донации, но овие податоци не биле внесени во финансиската евиденција.

Во ревизорскиот извештај истакнато е дека состојби во врска со прием, складирање и издавање на залихи на лекови се утврдени и во Конечниот ревизорски извештај на овластениот државен ревизор за 2021 година, за што пред надлежен орган во тек е постапка.

За вршење на дејноста Клиниката од Фондот добива договорен надоместок како и условен надоместок кој се доделува за набавка на т.н. биолошка терапија. Висината на надоместоците за период 2021 до 2023 година е прикажана на следниот графикон.

Во извештајот се напоменува дека и покрај преземените активности од страна на одговорните лица по дадените препораки во Конечниот извештај на овластениот државен ревизор од извршена ревизија за 2021 година и понатаму постојат определени состојби кои се значајни да се истакнат и кои влијаат на работењето на Клиниката.

Во текот на 2023 година, како што информираат од ДЗР, изготвени се и се применуваат повеќе протоколи/упатства за дијагностика, третман и следење на онколошки пациенти во кои како терапија е вклучена и биолошката, но се уште не се одобрени од страна на Министерството за здравство.

-И покрај зголемувањето, одобрениот условен надоместок не е доволен за вклучување на сите пациенти кои според медицинските индикации би можеле да ја примаат терапијата, односно одобрените средства се доволни за приклучување на само 24 отсто од пациентите кои примаат терапија во дневна болница, се наведува во извештајот.

Од ДЗР посочуваат дека воспоставениот начин на контрола од Фондот и плаќање на една дванаесетина од износот на условниот надоместок и понатаму остава простор фактурите кои се доспеани да не се платат навремено. Состојбата на вкупните обврски на Клиниката на 31.12.2023 година изнесува приближно 952 милиони денари од кои доспеани се 402 милиони денари, а нивната доспеаност е сведена од 2 години на 6 месеци.

-Клиниката е единствениот функционален центар на територија на државата кој дава услуги на пациенти од областа на радиотерапијата. За таа цел до денот на вршење на ревизијата во соодветни простории инсталирани се и функционални три линеарни акцелератори со кои според информациите од Клиниката се даваат услуги во просек од 180 до 200 пациенти дневно, се наведува во извештајот.

Од ДЗР посочуваат дека Клиниката располага со уште два линеарни акцелератори кои не се ставени во употреба. За акцелераторот набавен во 2014 година, чија вкуона вредност е 2.900 илјади денари, во тек се активности кои се предуслов за ставање во употреба, при што се очекува истиот да биде функционален до крајот на 2024 година. Другиот акцелератор, добиен по пат на донација во 2016 година, чија вкупна вредност е 1.715 илјади денари, се чува неотпакуван во царинско складиште за што годишно се плаќаат 189 илјади денари. Според информации добиени од одговорните лица на Клиниката, акцелераторот претходно бил користен во здравствена установа во Австралија и долго време не е во функција. Во 2024 година, производителот соопштил дека поради застареност на компонентите и технологијата, може да понуди само ограничена поддршка за негово одржување, без гаранции за компатибилност со новите онколошки софтвери.

Ревизорите препорачуваат дека е потребно Клиниката во координација со Министерството да ја преиспитаат состојбата и изнајдат оптимално решение за начин на постапување со овој апарат во наредниот период како и да се разгледаат можностите за понатамошно одложување на апаратот на начин кој нема да предизвикува дополнителни трошоци на Клиниката.

– Во рамките на Клиниката постои Единица за централна подготовка на цитостатска терапија, опремена со КАТО софтверска лиценца, но системот не е во функција од времето на неговата набавка во 2013 година, чија набавна вредност изнесува околу 10 милиони денари, се наведува во извештајот.

Во 2023 година, одговорните лица ги разгледале можностите за активирање на системот и го информирале Министерството за здравство за неколку клучни проблеми. Според нив, системот е делумно опремен, недостасуваат клучни компоненти, а просторот не е адаптиран за стерилно работење. Дополнително, подготовката на терапијата со овој систем трае подолго време, што ќе го зголеми времето на чекање за апликација на терапија, Клиниката нема доволен број фармацевти за работа со системот, а потребни се и дополнителни средства од околу 8 милиони денари годишно за потрошен материјал. Во текот на 2024 година Министерството спровело постапка за јавна набавка со која било предвидено да се набават сите неопходни делови за да се стави системот во употреба, но истата е поништена бидејќи не била поднесена ниту една прифатлива понуда.

Во оваа насока ревизорите препорачуваат Клиниката во координација со Министерството и Фондот да направат комплетна анализа на капацитетите и можностите, медицинските и економските ефекти, со цел изнаоѓање најоптимално решение за иднината на системот и подобрување на услугите за пациентите.

-Покрај наведените состојби од страна на ревизорите е идентификувано и клучно ревизорско прашање кое влијае на вршењето на дејноста на Клиниката а кое се однесува на централизираното давање на здравствени услуги во областа на радиотерапијата и онкологијата. Имено, бројот на пациенти кои се лекуваат на клиниката е во континуиран пораст, се посочува во извештајот.

Од ДЗР посочуваат дека континуираниот пораст на бројот на пациенти, меѓу другото се должи и на тоа што, речиси сите пациенти на кои им се потребни здравствени услуги од областа на радиотерапијата и онкологијата бараат услуги на Клиниката. За оваа состојба Клиниката го информирала Министерството за здравство во кое наведува дека на ниво на држава има уште 4 јавни здравстени установи во кои онколошките одделенија не се функционални во целост, а дел располагаат и со акцелератори кои не се користат.

-Во 2023 година, Клиниката располага со 35 доктори и 96 лица останат медицински персонал , кои во текот на 2023 година извршиле вкупно 104.196 здравствени услуги. Просечниот број на извршени услуги за одредени дијагностики надминува по 5 илјади прегледи годишно по специјалист, што во услови на континуиран пораст на бројот на пациенти, доведува до преоптовареност на вработените, а нивниот број е недоволен за овој обем на работа, се наведува во извештајот.

Ревизорите укажуваат дека е потребно Министерството да преземе активности за ангажирање на капацитетите во оние јавни здравстени установи кои имаат услови за тоа, со што би се овозможило прифиќање на дел од зголемениот број на онколошки пациенти, особено на оние надвор од Скопје, а со тоа и дисперзирање на здравствените услуги во оваа област, намалување на големиот наплив од пациенти со кој се соочува Клиниката и подобрување на квалитетот на здравствените услуги. (МИА)

Можете да прочитате

Почнува кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“

Студено утро со температури и до минус 11 степени

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!