Утрински Весник
Скопје

Нема опасност за посетителите на ЗОО Скопје доколку немале директен контакт со заболени птици од птичји грип

Zoo.webp.webp

Од 15-те вработени во скопската Зоолошка градина за кои веќе е завршена епидемиолошката анкета од страна на епидемиолози од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) и Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за четворица денеска ќе бидат издадени решенија за здравствен надзор, а кај еден од нив, кој во петокот пројавил симптоми на покачена температура и дијареја ќе биде извршено тестирање за присуство на птичји грип. Поради појава на „птичји грип“ Зоолошката градина во Скопје е затворена трет ден. Здравствените власти и експерите уверуваат дека и покрај појавата на „птичји грип“ нема потреба од паника меѓу граѓаните.

Директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска вчера изјави дека здравствен надзор согласно протоколите не подразбира карантин и изолација, туку медицинско следење во текот на следните две недели дали вработените кои биле во контакт со птиците ќе пројават каков било симптом кој понатаму би требало да се испитува дали се работи за птичји грип.

Тие секојдневно ќе бидат контактирани од епидемиолози од ИЈЗ и ќе се следи нивната здравствена состојба, изјави Андоновска.

Епидемиозлозите, како што рече, ја информирале дека еден од четирите лица за кои е завршена епидемиолошката анкета, на 18 октомври имал симтоми со температура и дијареја кои траеле еден ден што, како што рече, не значи дека укажува дека тоа лице има птичји грип. Ова лице денеска ќе биде тестирано, бидејќи препораките од страна на епидемиолозите и микробиолозите се дека по појавата на првите симптоми во рок од пет дена треба да има тестирање.

Нема опасност за посетителите кои биле во Зоолошката градина доколку немале директен контакт со заболените птици од птичји грип

-За да се пренесе птичји грип треба да има близок контакт со заболено или мртво животно или да има близок контакт со некој од секретите, измет или слично од овие заболени или мртви животни. Тоа значи дека ризикот е мал доколку посетителите немале близок контакт, потенцира Андоновска, која смета дека надлежните институции имале брза и навремена реакција согласно законските прописи и протоколи.

Лабораторијата на ИЈЗ е референтна и меѓународно акредитирана за дијагностика на инфлуенца или грип од хумано и анимално потекло и дека во моментов има тестови за птичји грип, но додава Андоновска дека не знае колкава ќе биде потребата и дали ќе треба да се набавуваат нови.

Агенцијата за храна и ветеринарство, пак, вчера соопшти дека ЗОО Скопје иако детектирало угинато животно 14 октомври, не постапила по законски процедури каде што се должни секој сомнеж на заразна болест задолжително да го пријават до надлежниот официјален ветеринар согласно  Член 50 на (Закон за ветеринарно здравство бр.113/2007; бр.24/11; 136/11; 123/12;154/15 и 53/16), и прекршувајќи ги законските обврски, самостојно доставиле примерок до Факултетот за ветеринарна медицина кој е примен на обработка на 15 октомври. На 18 октомври, како што посочија од АХВ, добиен е наод со кој е потврден случај на присуство на вирусот на авијарна инфлуенца – птичји грип, сој H5N1 кај гуска.

– И покрај ваквата информација, повторно ЗОО Скопје не почитувајќи ги законските прописи не ја извести АХВ на законски пропишаниот начин, односно постапила спротивно на член 4 од Правилникот за мерки за сузбивање и искоренување на болеста авијарна инфлуенца бр 161/2016, односно секое присуство или сомнеж на авијарна инфлуенца се пријавува веднаш, односно во што е можно пократок рок до АХВ, се наведува во соопштението.

Од АХВ нагласија дека ветеринарната дејност од јавен интерес на територијата на Република Северна Македонија, ја спроведува Државнa ветеринарна служба во соработка со други органи и институции, преку Агенцијата, директорот и референтна лабораторија која работи за потребите на Агенцијата врз основа на договор. Во саботата надлежниот официјален ветеринар од АХВ заедно со Раководителот на СЗЗБЖ овластен од страна на ВД Директорот д-р Оливер Миланов извршил вонреден инспекциски надзор во ЗОО Скопје.

– Притоа, во одгледувалиштето на ЗОО Скопје официјалниот ветеринар донесе забрана за влез на посетители, забрана на пристап до езерцето во кое била пронајдена угинатата птица со исклучок на тројца вработени кои со полна заштитна опрема вршеа убивање и манипулација со птиците. Земање, пакување и испраќање на примероци за лабораториски тестирања согласно дијагностичкиот протокол од Правилникот за мерки за сузбивање и искоренување на болеста авијарна инфлуенца. Чистење и дезинфекција на просторот околу езерцето во која зона се движат овој вид на птици.  Забрана за движење на живина и други птици во и од одгледувалиштето. Се задолжи надлежната ветеринарна служба задолжително да врши пријавување на промени на здравствената состојба на живината и дивите птици до надлежниот официјален ветеринар и примена на биосигурностните мерки при спроведување на сите активности, соопштија од АХВ.

Дополнително, се посочува во соопштението, официјалниот ветеринар при вршењето на своите задачи може да побара асистенција од овластено лице од Министерството за внатрешни работи.

– За жал побарана е асистенција поради присуство на лице кое се претставило дека е вработен во градската администрација и истото ја попречуваше работата на инспекциските служби и за кое дело МВР има записник. Но, мора да се заблогадариме на вработените лица во ЗОО Скопје кои несебично ни дадоа полна поддршка и земаа активно учество во спроведување на наредените мерки, соопштија од АХВ.

Затворањето на Зоолошката градина во Скопје вчера стана предмет и на политички препукувања.

Можете да прочитате

И тоа го има: Преку ноќ му го урнале објектот за да градат зграда

ЈП Лајка: Граѓаните да не оставаат мали кучиња пред нашиот објект

Утре делови од една скопска општина без вода