Утрински Весник
Економија

Азески од Самитот во Истанбул: Слободната и фер трговија треба да биде приоритет во глобалната економска трансформација

Azeski Vo Drushtvo Na Pretsedatelite Na Komorite Od Regionot.jpg

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески учествуваше на Самитот на Европа и Азија, што се одржа во Истанбул, на тема: „Колаборативен пристап кон климатска акција”, во организација на Светската коморска федерација (World Chambers Federation – WCF) и Унијата на комори и стокови берзи на Турција (TOBB).

Дебатирајќи за улогата на коморите во поттикнувањето на глобалната економска трансформација и климатските промени, највисоките претставници од коморите и деловните лидери се согласија дека слободната и фер трговија треба да биде приоритет, наспроти протекционистичките трендови во одредени области. Имајќи предвид дека

75 отсто од глобалната трговија е регулирана со правилата на СТО, кои обезбедуваат стабилност и предвидливост, бизнис-лидерите порачаа дека за да се одговори на предизвиците на 21 век, мора да се работи на зачувување и подобрување на овие правила.

Во бројните средби во рамки на Самитот со претседателите на стопанските комори, Азески истакна дека СКСМ инсистира да се идентификуваат полињата на соработка помеѓу науката и бизнисот на планот на одржливиот развој и зелената економија, со цел преку стручна и научно-базирана основа, компаниите да се приспособат кон современите трендови во насока на зголемување на конкурентноста и исполнување на строгите услови и критериуми на ЕУ и другите пазари. Азески ја нагласи и важноста на Софиската декларација за Западен Балкан од 10 ноември 2020 година, која ги обврза земјите од овој регион да ја имплементираат зелената агенда и во делот на минималното испуштање на јаглерод, но и во други пет области: климата, енергијата, циркуларната економија, загадување и одржливо производство на храна.

Во рамките на овој настан, Азески оствари средба со претседателот на Трговско-индустриската комора на Текирдаг, Џенгиз Гунај, утврдувајќи ги правците за заедничка натамошна соработка.

Овој настан беше одлична можност да се разменат информации за најновите случувања околу климатските промени и да се подигне свеста за практиките што коморите и бизнис-заедницата ги спроведуваат како одговор на размислувањата за климатските ризици, вклучувајќи инвестициски планови, корпоративни стратегии и корпоративни активности на планот на општествената одговорност. Со тоа тие и практично покажаа дека зелената трансформација не е далечна цел, туку можност и предизвик за компаниите, укажувајќи дека е крајно време да се преземе проактивна улога и во зелената транзиција на економиите од регионот, за да се направи регионот и економски стабилен и одржлив.

На првиот состанок на Советот на жени при коморите во рамки на WCF, на кој од Стопанската комора на Северна Македонија учествуваше д-р Елена Милевска Штрбевска, претседател на Постојаниот избран суд – Арбитража при Комората, се дебатираше за предизвиците и можностите со кои се соочуваат жените во нивните лидерски улоги во коморите и во компаниите. Преку споделените искуства на жените во бизнис-светот се упати порака дека различноста меѓу половите овозможува меѓусебно надополнување што треба да придонесе за  подобар успех на тимовите, проектите и плановите, особено имајќи ги предвид предностите на жените како стрпливи и одлични преговарачи, моќни лидери со претчувство за ризик и навремено реагирање во кризни ситуации, како и природниот инстинкт за грижа за тимот, што може да доведат до корпоративен напредок и развој.

Можете да прочитате

Соработка на Народната банка со Банката на Португалија во Програмата на ЕУ за зајакнување на системите за известување податоци

Зелени вештини за добро платени работни места

Министерство за транспорт: Македонија сака пруга кон Бугарија, но не прифаќа реализација на проект што завршува во тунел