Утрински Весник
Балкан

Тројца малолетници уапсени во БиХ поради закани за бомби во училиштата

Policija Bih.jpg

Сараевската полиција денеска потврди апсење на двајца малолетници кои упатиле закани со бомби во училиштата, а за ова претходно е приведен уште еден малолетник, но заканите со бомби продолжуваат да пристигнуваат, што ја отежнува наставата, а родителите на учениците бараат поодлучни мерки на заштита.

Како што соопштија денеска од МУП на Сараевската жупанија, малолетниците се осомничени дека вчера и претходно лажно пријавиле постоење на експлозивни направи во средни училишта и други објекти во кантонот Сараево.

-Мешовит тим составен од полициски службеници од Полициската управа на Министерството за внатрешни работи, експерти за кибер безбедност од Федералната полициска управа и кои дејствуваат под надзор на окружното обвинителство продолжува интензивно да работи на овие случаи, соопшти полицијата, додавајќи дека им помага и Разузнавачката служба во идентификувањето на лицата кои испраќаат закани – Агенција за безбедност на Босна и Херцеговина (ОСА).

На почетокот на неделата беше идентификуван и уапсен уште еден малолетник за кој со истрагата беше утврдено дека е автор на десетици закани упатени до училиштата. Утврдено е дека тој упатувал закани дури 40 пати.

Детали за идентитетот не се објавени поради законските одредби кои ги штитат малолетниците во вакви случаи, а од обвинителството најавија дека по 24-часовен притвор ќе одлучуваат за натамошниот тек на постапката.

Училишниот систем во Сараево веќе две недели пропаѓа поради секојдневните закани со бомби, па наставата мора да се прекинува секој ден во некои од училиштата, а противдиверзантските полициски екипи потоа поминуваат часови во увид во училишните објекти.

Досега во ниту еден случај не се пронајдени експлозивни направи, но училиштата се обврзани да ги почитуваат пропишаните протоколи кои ги обврзуваат да ги евакуираат училишните простории по добиените закани.

Претходно беше потврдено дека сите досегашни закани пристигнале по електронска пошта.

Родителите се вознемирени и бараат ефикасна заштита за своите деца, особено оние во основните училишта кои не можат само да ја напуштат наставата и да излезат на улица.

Владата на Сараевската жупанија нареди МУП да биде максимално вклучен во вакви случаи.

За лажна дојава за поставена бомба, казната е до три години затвор.

Можете да прочитате

Клиничкиот центар во Сараево се огласи за смртта на девојчето по вадење заб

Потона чамец со мигранти во близина на грчкиот остров Гавдос- спасени 96 лица

Протече сведочењето на мајката на двегодишната Данка