Јавното претпријатие „Комуналец“ од Гостивар попладнево информираше дека водата од градскиот водовод во Гостивар е безбедна за пиење. Анализите направени во Институтот за јавно здравје во Скопје покажале дека водата има параметри кои одговараат на пропишаните норми.
„Според анализите од лабораторијата на Јавната здравствена установа – Скопје за бактериолошката и физичко-хемиската состојба на водата, потврдено е дека водата во нашиот град е безбедна за пиење.“, извести претпријатието.
Според информациите кои Фатон Абдулаи од „Комуналец“ ги даде за Gostivarpress.mk, резултатите од последните анализи веднаш биле споделени со инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство од каде им било кажано дека, според тие резултати забраната и официјално ќе биде повлечена и водата може да се пие.
„Претходно, добивме добри резултати и од анализи направени во Центарот за јавно здравје во Гостивар.“, додаде Абдулаи.
Водата во Гостивар беше забранета во петокот, кога анализите направени во приватна лабараторија во Струмица за гостиварски „Комуналец“ , покажале неисправност и зголемено присуство на манган. Градоначалникот Ваљбон Лимани во понеделникот изјави дека водата се испитува дополнително во Центарот за јавно здравје во Гостивар и во ИЈЗ Скопје и дека ќе бара од претпријатието да ја прекине соработката со таа фирма.