Утрински Весник
Македонија

Македонија и Србија со заеднички чекори за олеснување на граничниот проток и борба против организираниот криминал

4 1.jpg

Денеска, на 10-ти октомври 2024 година, министерот за внатрешни работи на Македонија, Панче Тошковски, беше домаќин на висока делегација од Република Србија предводена од вицепремиерот и министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ. Двете делегации остварија билатерална средба во просториите на СВР Куманово, при што беа разгледани модалитетите за понатамошно унапредување на досегашната соработка меѓу двете министерства.

На средбата се разговараше за учеството на делегација од Србија на симулациска вежба за размена на информации во реално време, поврзана со криумчарење мигранти и трговија на луѓе. Оваа вежба ќе се одржи во Охрид од 14 до 17 октомври. Исто така, се разгледуваше и нацрт-договор за воспоставување на заеднички контроли во рамките на One Stop Shop концептот на граничниот премин Табановце – Прешево.

Министерот Тошковски ја истакна важноста на проектот One Stop Shop за олеснување на транзитот на патници и стоки помеѓу Македонија и Србија. „Овој проект е значаен за двете држави и очекуваме да го имплементираме до следната туристичка сезона, со цел да обезбедиме брз проток на патници и стоки преку заеднички контроли,“ изјави Тошковски.

Вицепремиерот и министер за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, потенцираше дека третата средба меѓу двете делегации ги утврдува следните чекори за решавање на долгите чекања на границата. Дополнително, Дачиќ подвлече дека заедничката работа на полициите од двете земји веќе донела значителни резултати во борбата против илегалната миграција, што е признато и од Европската комисија.

На крајот од средбата, двата министерства се согласија за продлабочување на соработката во борбата против организираниот криминал, трговијата со луѓе, шверцот со дрога и тероризмот. Притоа, брзата размена на информации меѓу двете полиции беше посочена како клучен елемент за ефикасноста на заедничките активности.

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, изрази задоволство од посетата на делегациите и истакна дека е важно да се градат мостови на пријателства помеѓу народите на двете држави. „Ние сме должни да ги градиме овие мостови на пријателство и соработка, кои се важни за иднината на нашите граѓани,“ изјави Димитриевски.

Можете да прочитате

Се појавува ли „Јавна соба 2“? Фотографии од малолетни девојчиња се шират по група на Фејсбук

Кадриу: Одлуката на Уставниот суд е донесена под политички притисок

Филипче: Кочоска е трет министер којшто го демантира Мицкоски