Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска оствари работна средба со извршниот директор на авиокомпанијата Визер, Јозеф Варади. На средбата се разгледуваше тековната соработка меѓу Визер како корисник на владината финансиска поддршка за воведување нови авиолинии, со цел поттикнување и унапредување на авиосообраќајот во Република Северна Македонија.
Министерот Николоски го истакна значењето на оваа мерка за развојот на патничкиот сообраќај и го отвори прашањето за новиот јавен повик за финансиска поддршка на нови дестинации од и до Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид за периодот 2025-2027 година.
Министерот детално ги претстави условите и критериумите од јавниот повик, нагласувајќи го придонесот на Визер во развојот на патничкиот ависообраќај во изминатиот период. Јавниот повик е отворен за сите заинтересирани авиокомпании, со рок за аплицирање до 7 октомври. Во рамки на тригодишната програма, предвидена е финансиска поддршка во висина од 360 милиони денари, со износ од 9 евра по патник превезен до Меѓународниот аеродром Скопје и 12 евра по патник до аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид.
Состанокот потврди дека Владата на Северна Македонија е посветена на продолжување на успешната соработка со авиокомпаниите и понатамошен развој на авиосообраќајот во земјата.