Утрински Весник
Македонија

Директорите, а не стручниот колегиум одлучувале за набавка на имуномодуларната терапија на Неврологија

Drzaven Zavod Za Revizija.jpg

Директорите, а не стручниот колегиум на Универзитетската клиника за неврологија одлучувале за колку пациенти и каков тип на лекови од имуномодуларна терапија за невролошки заболувања ќе се набават, констатира Државниот завод за ревизија.

„Оваа состојба создава ризик од нетранспарентно определување на лекови за кои се бара и одобрува условен надоместок, без да се базира на стручна анализа и предлози“, стои во Ревизорскиот извештај за работата на Клиниката за неврологија во 2023 година .

Министерството за здравство минатата година одобрило 165 милиони денари, односно скоро 2,7 милиони евра за вакви лекови.

Ревизорите изразиле неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи на Клиниката и мислење со резерва за усогласеноста на финансиските трансакции со законите.

Ревизорите констатирале низа проблеми во работата на Клиниката. Примените и потрошени лекови за ретки болести и лекови од донација не се евидентирале во материјалната и сметководствена евиденција, туку се запишувале во тетратки. Се закажувале малку прегледи преку Мој термин, а многу повеќе пациенти се прегледувале без закажан термин. Има проблеми со јавните набавки, а медицински сестри, болничари и шалтерски работници се вработувале со договор на дело без согласност од Министерството за финансии.

Во извештајот на Државниот завод за ревизија се констатира дека минатата година Клиниката преку Мој термин закажала за осум пати помалку прегледи од тие што имала обврска да ги закаже, но докторите прегледале многу повеќе пациенти од закажаните.

„Од одговорните лица на Клиниката добивме образложение дека ваквата состојба е резултат на специфичната дејност на клиниката, која во најголем дел врши итни прегледи или прегледи без термин“, се наведува во извештајот на Државниот завод за ревизија.

При набавката на реагенси техничките спецификации биле такви што на тендерите се јавувал само по еден понудувач, кој е ексклузивен застапник на стоките што се бараат.

Клиниката добила донација лек за мигрена од над 400 илјади евра, но Министерството за здравство и МАЛМЕД не одговориле дали може да се користи, па има опасност да му истече рокот.

До март 2023 година, директор на клиниката беше професор Иван Барбов, а потоа за в.д. директор беше назначен доктор Висар Мифтари, кој на тоа место дојде директно од Тетовската болница. Организациски директор до мај 2023 е година е доктор Аљајдин Хавзиу.

Извор: Телма

Можете да прочитате

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер

(Видео) Започнува нова епизода на подкастот Зрак со д-р Марина

Филипче по Конгресот: Одлична енергија, нова сила и ентузијазам!