Утрински Весник
Свет

ЕУ одвои уште над милијарда евра за справување со последиците од ланските поплави низ Европа

20240923105611 Big 730x400 63.webp.webp

Советот  на ЕУ денеска реши од Фондот за солидарност на Европската унија да одвои дополнителни една милијарда и 28,54 милиони евра помош за Италија, Словенија, Австрија, Грција и Франција наменети за справување со последиците со елементарните непогоди што ги зафатија овие земји во текот на минатата година. 

Од вкупните средства, кои вклучуваат и 231,78 милиони евра авансна исплата, 446,64 милиони евра ќе бидат наменети за помош на Италија за справување со последиците од поплавите во регионите Емилија-Ромања (378,83 милиони евра) во мај и Тоскана (67,81 милиони евра) во октомври и ноември 2023 година. 

За санирање на штетите од поплавите во август минатата година, Словенија ќе добие дополнителни 428,41 милиони евра, а Австрија 5,20 милиони евра. 

Грција како помош во санација на штетите од поплавите предизвикани од медитеранската бура „Даниел“ лани во септември ќе добие 101,53 милиони евра, а Франција дополнителни 46,76 милиони евра помош за поплавените области во регионот Норд-Па-де-Кале во ноември 2023 година. 

По стапувањето на одлуката во сила, ЕУ од резервите за солидарност и од ставката за итна помош во Буџетот за 2024 година ќе ги префрли предвидените средства во Фондот за солидарност на Унијата, од каде потоа ќе им бидат исплатени на земјите погодени од ланските поплави. 

Фондот за солидарност на ЕУ е инструмент наменет за обезбедување финансиска помош во случај на поголеми елементарни непогоди во земја членка на Унијата или во држава која води преговори за членство во блокот. 

Можете да прочитате

Зеленски верува дека војната ќе заврши во 2025 година

Путин потпиша закон за отпис на кредитни долгови за учесниците во специјалната воена операција

33.000 домаќинства во Франција останаа без струја поради невреме