Утрински Весник
Скопје

Интервју со Митески: Работиме и инвестираме за уште подобри услови за живот и работа во Аеродром на сегашните и идните генерации

Whatsapp Image 2024 09 21 At 16.04.24 3e3eb796.jpg

Во интервју за 24инфо.мк градоначалникот на општина Аеродром, Дејан Митески зборуваше за повеќе актуелни теми.

Кратко време сте на чело на општина Аерoдром, како се снаоѓате со функцијата и во каква финансиска состојба ја превземавте функцијата?

Градоначалничката функција ја презедов на крајот од јуни, годинава, а претходно бев претседател на Советот на Општина Аеродром. Со оглед на тоа, добро ја познавам состојбата во нашата општина и проблемите со кои се соочуваат нашите жители. Од првиот ден како градоначалник активно се зафатив со работа и заедно со мојот тим сме секојдневно на терен меѓу граѓаните и се обидуваме да ја водиме општината на најдобар можен начин. Сметам дека паметното раководење искомбинирано со упорната работа секогаш на крајот даваат одлични резултати. Многу работи не можат да се подобрат или сменат што би се рекло преку ноќ, но жителите на Општина Аеродром се свесни за тоа и им благодарам за поддршката што секојдневно ми ја даваат. Отворен сум за средба со секој еден жител, редовно имам приемни денови, но и во неформалните средби, аеродромци можат да ми ги кажат своите поплаки, барања, но секако и големиот број конструктивни идеи кои се обидувам да ги внесам во практика. Сакам аеродромци да се задоволни од она што го гледаат кога ќе излезат од својот куќен праг, а квалитетните услови за живот и непреченото извршување на секојдневните обврски е еден од главните приоритети во моето работење. Што се однесува до финансиската состојба на Општината, можам да кажам дека општинската каса ја преземав без долгови, а Општина Аеродром навремено ги сервисира своите обврски.

Неодамна имавте акција со опомени за сопствениците на хаварисани возила која имаше позитивни реакции од граѓаните, но тие и натаму останаа на јавните површини, кој е следниот чекор?

Акцијата за отстранување на хаварисаните и нерегистрираните возила наиде на голема поддршка од аеродромци. На нашата територија постојат повеќе од 200 вакви автомобили кои со години узурпираат паркинг-места, што претставува голем проблем за нашите жители, но и ја нагрдуваат сликата за Аеродром. Идејата за реализација на оваа акција дојде оттаму да ги ослободиме овие паркиралишта, за да можат да бидат користени од граѓаните на кои навистина им се потребни. Првично стартувавме со опомени до сопствениците за нивно отстранување во даден рок за да се избегнат трошоците што би ги платиле доколку самите не го сторат тоа. Има совесни граѓани, кои веднаш по добиените опомени самостојно ги остранија возилата со што ги избегнаа дополнителните трошоци, а од неодамна и ние како општина почнавме да дислоцираме вакви возила и со тоа ќе продолжиме и во наредниот период. Инаку, сакам да апелирам до граѓаните, дека мора сите заедно да се грижиме за зачувување на здравата и чиста животна средина, да ги чуваме јавните површини, а несовесното однесување од некои жители е подлежно на казни, кои секако не би сакале да ги применуваме, но некогаш сме приморани. За да го избегнеме тој момент, мора да бидеме свесни за околината во која живееме и дека само со совесно однесување ќе можеме да дојдеме до саканите резултати.

Каква е денес ситуацијата во клубот МЗТ Скопје Аеродром?

Навистина ми е драго што Кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје Аеродром е вистинска гордост на аеродромци и препознатлив знак за Аеродром, не само во земјава, туку и многу пошироко. Овој клуб има освоено огромен број титули, а ние верно навиваме и ги бодриме играчите на сите натпревари. Општина Аеродром континуирано со свои средства го поддржува КК МЗТ, а дополнително, изминатиот период интензивно работевме на изнаоѓање нови спонзорства со што ќе се зајакне финансиската состојба на клубот. На мое големо задоволство дел од спонзорските договори се веќе склучени, а дел се во завршна фаза, со што кошаркарскиот клуб добива стабилна и независна финансиска состојба. Како апсолутни шампиони на Македонија, МЗТ Скопје Аеродром е најголем кошаркарски бренд во земјава и го заслужува најдоброто, за што ние неуморно работиме. Како градоначалник, се радувам на секој нивни успех и од мене добиваат безрезервна поддршка за уште поголеми достигнувања.

    Во програмата за работа на општината беше наведено ветување за дислоцирање на претоварната депонија Вардариште, до каде е ова ветување и кој ќе бидат следните чекори?

    Ова е едно навистина горливо прашање кое не мачи сите нас со децении. Депонијата Вардариште територијално припаѓа во Општина Гази Баба, на самата граница со Аеродром, поради што аеродромци редовно го трпат влијанието од палењата на таа локација и неподносливата миризба што се шири оттаму во секој период од годината. Ние како Општина немаме ингеренции за дислоцирање, затворање или какво било друго решение, затоа што таа е под Град Скопје. Летово, бевме сведоци на огромен пожар што избувна во Вардариште, по што итно ја посетивме локацијата со градоначалникот на Гази Баба и со началникот на СВР Скопје од каде заеднички упативме апел до раководството на Градот под итно да изнајде решение, но до овој момент нема реакција за решавање на тој проблем. Ние како Општина ги користиме сите механизми што се во наша надлежност околу ова прашање, а општинскиот инспекторат има поднесено и кривична пријава за согорување отпад на отворен простор. Се надевам дека одговорните институции во блиска иднина ќе го решат овој децениски проблем и аеродромци конечно ќе можат слободно да дишат.

    Каква е соработката со градоначалничката на Град Скопје но и со градоначалниците од соседните општини како Кисела Вода, Центар, Гази Баба?

    Мојата соработка со градоначалниците на соседните општини е одлична, како и меѓусебната соработка на службите во општините. Секојдневно сме во комуникација за сите прашања, се советуваме едни со други, се обидуваме да изнајдеме решение за прашањата кои се однесуваат на жителите во Кисела Вода, Центар и Гази Баба, но и во другите општини од околината, како и да си даваме поддршка за сè она што би ја подобрило нашата работа, а во интерес на граѓаните. За жал, соработката со раководството на Град Скопје е на најниско можно ниво, речиси никакво, што е навистина на голема штета за скопјани. Ние сме општини под Скопје и голем дел од ингеренциите се под надлежност на Градот. Затоа сметам дека е неопходна континуирана и сеопфатна соработка на дневно ниво со Град Скопје и со сите јавни претпријатија за да имаме успешно спроведување на редовните активности и услуги, како и успех во реализацијата на сите наши поголеми проекти.

    Не е во ваша надлежност, но од граѓаните има поплаки за несобирањето на ѓубрето и исушеното зеленило. Побаравте одземање на ингеренциите на Град Скопје во областа на комуналната сфера, но што ќе бидат следните чекори во решавањето на овој проблем?

    Тука би се надоврзал на претходното прашање и би продолжил во насока дека собирањето на ѓубрето е во надлежност на ЈП „Комунална хигиена“, а за поголем дел од одржувањето на зеленилото треба да се грижи ЈП „Паркови и зеленило“, кои се секако под Градот. Но, и покрај редовните реакции од Општина Аеродром до овие претпријатија и испратени писмени дописи, можеме да видиме дека оттаму не си ја извршуваат работата во целост. Но, тоа не е проблем само во нашата Општина, туку во сите општини под Град Скопје. Инаку, ние како општина ги користиме сите расположливи ресурси, вработени и механизација за да го одржиме нивото на хигиена во Општина Аеродром. Во меѓувреме, воведовме нов начин на чистење на јавните површини, со ресурси на општината го собираме отпадот и ги отстрануваме дивите депонии, а неодамна самостојно спроведовме и голема акција за собирање кабасат отпад, што наиде на голем интерес кај нашите жители. Исто така, во рамките на нашите можности ги наводнуваме тревниците и дрвјата, а со тоа покриваме дел од работата што всушност треба да ја врши Градот, на кој граѓаните му плаѓаат за овие услуги.

    Што планирате да реализирате во следниот период?

    На мое големо задоволство можам да кажам дека изминатите неколку месеци посветено работиме на проекти од сите области подеднакво. Како еден од капиталните проекти што го започнавме изминатиот период е изградбата на целосно нов објект на „Изворче“ во рамките на детската градинка „Срничка“ во Стар Аеродром. Со тоа капацитетот на овој објект ќе се прошири за над 170 деца и значително ќе се намалат списоците за упис на нови дечиња. Исто така, пред неколку дена го означивме почетокот на доградбата на ООУ „Блаже Конески“ во Мичурин за што со помош на Владата ќе вложиме 200 милиони денари. Ова училиште е изградено во 1954 година и сега за прв пат добива современ лик со 18 нови училници. Извршивме реконструкции и санации во детските градинки, а изминатово лето, по цели 40 години, темелно ја реконструиравме главната кујна во детската градинка „Срничка“ во објектот „Чекорче“. Работиме и на проектирање на две нови градинки, доградба на уште едно училиште и изградба на нова спортска сала во Долно Лисиче, што ќе биде прв ваков објект во овој дел на Аеродром. Во наредниот период ќе се посветиме на инфраструктурата, при што со помош од Владата на Република Македонија ќе изградиме и ќе реконструираме повеќе улици, јавни површини, водоводи и канализациски мрежи. На неодамнешниот јавен повик од Владата за финансирање на проекти од инфраструктурен карактер, ние како Општина поднесовме девет апликации до Министерството за локална самоуправа за кои претходно изготвивме проектна документација. Во насока на владините најави дека ваквата поддршка за единиците на локалната самоуправа ќе продолжи и во наредната година, веќе интензивно се подготвуваме, односно започнуваме со изработка за документација за нови проекти, за што се надеваме дека ќе добиеме зелено светло. Ова е краткорочен план за оваа и за наредната година, а долгорочно размислуваме и за голем број други проекти од капитално значење за нашите жители. Иако Аеродром и во овој момент до своето име гордо носи голем број позитивни епитети како една најмодерна, најурбана, најсовремена, најзелена, најспортска општина, ние не застануваме тука. Работиме и инвестираме за уште подобри услови за живот и работа на сегашните и на идните генерации.

Можете да прочитате

Герасимовски: 1.500 пријавени пензионери на повикот за доделување еднократна парична помош

Поради дефект делови од една општина денеска без вода

Саем на креативни индустрии денеска во „Лабораториум“ од 10 до 18 часот