Во воведното обраќање на Обвинителството ние не слушнавме која е поткрепата на обвинението против Александар и врз основа на кои докази го темели обвинението за стореното кривично дело, само паушално наведува дека помагал. Немаме дејствија на извршување, ниту доказ во таа смисла, рече адвокатот на Александар Ѓорчевски веднаш по завршувањето на првото рочиште од судењето во Основниот кривичен суд за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Адвокатот Владимир Туфегџиќ вели таткото на малолетната Вања е жртва во целата судска постапка и рече дека „секој родител на кој би му се случило ваква работа би го преземал истото што го преземал тој, односно би одел во насока да води и своја самостојна истрага“.
Туфегџиќ нагласи дека обвинението се темели токму на доказите прибавени од страна на Ѓорчевски со согласност на полициските службеници, за кои побара да бидат испитани.
– Александар е жртва и е оштетен во оваа постапка и тврдам дека секој родител кој би му се случило ваква работа би го преземал истото што го преземал тој, односно би одел во насока да води и своја самостојна истрага и на крајот на краиштата сведоци сте дека обвинението се темели токму на доказите кои ги прибавил Александар и тоа со знаење и со согласност на полициските службеници за кои и јас како бранител барам да бидат испитани и да видиме како и на кој начин ја воделе постапката и тврдам дека ова не е водено онака како што треба и затоа го имаме денеска тој резултат кој го имаме во однос на Александар, рече Туфекџиќ.
Според адвокатот Туфекџиќ, Ѓорчевски е класично зоупотребен и неговите дејствија кои ги презел во насока на самостојна истрага се злоупотребени и погрешно протолкувани.