Министерството за економија денеска треба да добие Предлог од работната група за есенската потрошувачка кошница со според најавите 100 прехранбени земјоделски производи со ограничени трговски маржи или замрзнати цени. Според најавите, со есенската кошница треба да бидат опфатени зеленчук, овошје, пекарски, млечни производи,. . . Предлогот треба да биде усвоен утре на редовната седница на Владата.
Работната група е составена од претставници на министерствата за економија, земјоделство и финансии. Врз основа на симулација ќе ја утврди есенската потрошувачка кошница со 100 производи и дали ќе има замрзнување на цените или ќе се ограничат маржите од 5,10 и 15 проценти.
Стабилизација на цените се очекува и со примената на Законот за нелојална трговија, кој треба да почне да се применува од 28 септември. Законот ќе стапи во сила до крајот на месецот, а компаниите ќе имаат рок од шест месеци да ги усогласат цените.
Владата најави дека ќе има и предновогодишна и пролетна кошничка, со избор на производи што се најупотребувани во тој период од годината.
-Во зависност од тоа какви се потребите на граѓаните, во зависност од тоа што најмногу се троши ќе го следиме процесот и нема да дозволиме да ни се случи повторно висока стапка на инфлација со што ќе се влијае негативно на стандардот на граѓаните, изјави минатата недела премиерот Христијан Мицкоски.
Стапката на инфлација во август на годишно ниво е 2,2 процента во однос на август минатата година, како што рече, што претставува навистина добар резултат. Значи, полека, но сигурно цените се стабилизираа и во периодот што следи ќе продолжиме да се грижиме за стандардот на граѓаните, потенцира премиерот.